Активности

Вторник, 16 февруари 2016 година

Средба на Комисијата за надворешна политика и Мониторинг комисијата 

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски, оствари средба со известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа (Мониторинг комисија), г-ѓа Лиза Кристоферсен и г. Валериј Гилечи, известители на постмониторинг дијалог со Република Македонија.

На средбата беа присутни и членовите на Комисијата, г. Александар Николоски, г. Сашо Василевски, г. Павле Трајанов, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Ѓоко Камчев, г-ѓа Софија Куновска, г. Љубомир Јосифоски и г. Хари Локвенец. 

Претседателот на Комисијата на самиот почеток им посака добредојде на гостите во еден исклучителен, изборен период за Македонија, потсетувајќи дека изминатиот период Македонија се соочуваше со политичка криза, од која произлезе политичкиот Договор од Пржино, кој треба да резултира со одржување на изборите на 24 април годинава.

Известителот Лиза Кристоферсен, својата прва посета ја оцени како многу корисна на која беа разгледани прашањата околу имплементација на Спогодбата од јуни 2015 година, особено изборните реформи и законите за медиумите, како и последните случувања во областа на човековите права, владеење на правото и демократијата.

Присутните со спротиставени ставови дискутираа за актуелната политичка состојба во Македонија, имплементација и реализација на точките од Договорот од Пржино, прочистувањето на избирачкиот список, потреба од донесување на законот за медиуми, составот на Државната изборна комисија, како и подготвеност или не на теренот за одржување на фер и кредибилни избори.

Од друга страна, со заеднички став дека Мониторинг комисијата, врз основа на денешните плодни дискусии, ќе извлече реален заклучок за Македонија и апел за нејзино вклучување во Изборниот процес со свои набљудувачи.

Click