Активности

Вторник, 21 април 2015 година, Стразбур

Средба на Николоски со претседателката на Парламентарното собрание г-ѓа Ан Брасер

Во текот на редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Шефот на Македонската делегација, г. Александар Николоски оствари средба со претседателката на Парламентарното собрание, г-ѓа Ан Брасер на нејзино барање. На заедничката средба беше констатирана високата посветеност и активното учество на македонската собраниска делегација во ПС на Совет на Европа.

На средбата г. Николоски подетално ја запозна г-ѓа Брасер со актуелната состојба во Република Македонија, за неучеството на пратениците од СДСМ во работата на Собранието, како и за објавувањето на нелегално стекнати прислушувани материјали за највисоки државни претставници. Притоа заеднички беше констатирано дека местото на секој избран пратеник е во Собранието, дека без разлика дали пратениците се од владејачките или опозиционите партии имаат еднаква одговорност за демократските процеси во државата, а беше констатирано и дека е недозволиво јавно објавување на приватни разговори, како и прислушување зашто тоа е прекршување на основните човекови слободи и права. 

Претседателката Брасер информираше дека следната недела Делегација на Парламентарното собрание, во состав г. Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комисијата, г. Роберт Валтер, известител за Република Македонија и г. Андреас Грос, претседател на Групата на социјалистите ќе ја посетат Република Македонија, со цел да се сретнат со политичките претставници на Република Македонија и да ја утврдат фактичката состојба во функција на подобра подготовка на Извештајот за пост-мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание со Република Македонија, како и да укажат на пратениците дека нивното место е во Собранието на Република Македонија.

На средбата г. Николоски ѝ упати покана на г-ѓа Брасер да ја посети Република Македонија, нагласувајќи дека досега сите претходни претседатели на Парламентарното собрание, во текот на нивниот мандат, ја посетиле нашата држава. Таа изрази благодарност и со задоволство ја прифати поканата да нè посети штом нејзината агенда тоа го дозволи.   

 

« Видео запис »

Click