Активности

Четврток, 31 март 2016 година

Средба на потпретседателот Милошоски со австралиската пратеничка г-ѓа Алана Мектиернан

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Антонијо Милошоски, денеска во Собранието на Република Македонија оствари средба со пратеничката на Австралискиот парламент, г-ѓа Алана Мектиернан. 

Потпретседателот Милошоски на самиот почеток изрази задоволство за покажаниот интерес од страна на Австралија за посетата на Македонија, потенцирајќи ги добрите пријателски односи и парламентарната соработка помеѓу двете земји.

Истакувајќи ја сличноста на двете земји во однос на мултиетничката и мултикултурна димензија, тој упати и благодарност за поддршката која Австралија ѝ ја дава на македонската заедница.

Пратеничката на Австралискиот парламент, г-ѓа Алана Мектиернан, во рамките на својата прва посета на Македонија, покажа интерес за низа прашања по кои разменија мислења: ЕУ и НАТО интеграцијата на земјата и неможноста на Македонија да стане дел од неа поради ветото од страна на Грција за спорот со името, предизвиците со кои се соочува на политичко поле, но и глобалната мигрантска криза која ја зафати Европа и справувањето со неа. 

Соговорниците се согласија дека продлабочувањето на парламентарната соработка, признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име, како и економската и трговска размена остануваат како предизвици и во иднина.

Click