Активности

Петок, 4 јули 2014 година

Средба на г-ѓа Силвана Бонева со Н.Е г. Вен  Женшун - амбасадор на НР Кина во Македонија

Пратеничката Силвана Бонева, во својство на претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, оствари средба со г. Вен Женшун, амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија.

На средбата се разговараше за понатамошната парламентарната соработка помеѓу двете држави. Беше истакнато дека односите на двете држави имаат нагорен тренд во сферата на политичката соработка, економијата, културата, образованието и во градењето на добрите односи помеѓу луѓето од двете земји.

На средбата беа истакнати резултатите кои беа постигнати од досегашната соработка меѓу двете земји за време на мандатот на двата претходни амбасадори на НР Кина и парламентарните групи за соработка со НР Кина на Собранието на Република Македонија. Предизвик на новиот амбасадор и Парламентарната група за соработка во следниот период е да продолжи интензивната соработка меѓу двете земји и да се привлечат што поголем број на кинески инвестиции во земјата.

„Да продолжиме да ја градиме успешната соработка на државно и регионално ниво, по примерот на соработката со провинцијата Сечуан, како и продолжување на соработката во областа на културата, туризмот и останатите сфери“ - истакна г-ѓа Бонева.

На средбата беше договорено да се воспостави соработка меѓу националните телевизии на двете земји и да се вложат напори за емитување на вести на македонски јазик на Кинеската национална телевизија.

Во областа на земјоделството предизвик треба да биде привлекувањето на кинески инвестиции, особено во делот на преработувачките капацитети, извоз на земјоделски производи и размена на знаење и искуство. 

Во оваа насока, на средбата беше поздравено најавеното учество на македонски компании на Меѓународниот саем за инвестициона промоција, кој ќе се одржи во септември, 2014 година, во Кина.

Г-ѓа Бонева, во името на граѓаните на Република Македонија, изрази благодарност до НР Кина за признавањето и користењето на уставното име на земјата. Исто така, изрази благодарност за донациите, поддршката и соработката во областа на големите инфраструктурни и други проекти, и изрази надеж дека ќе продолжи интересот и поддршката за изградбата на автопатите Скопје-Блаце, Кичево-Охрид и изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“.

Click