Активности

Среда, 23 септември 2015 година

Триесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Триесет и петтата седница, одржана на 16 септември 2015 година, како матично работно тело, во прво читање ги разгледа: 

  1. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност;
  2. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила;
  3. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика;
  4. Предлог-закон за изменување и дополнување  на Законот за трговските друштва;
  5. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
  6. Предлог-закон  за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони;
  7. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали;
  8. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија;
  9. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за метрологијата;
  10. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност;
  11. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за индустриски – зелени зони;
  12. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба;
  13. Предлог-закон за изменување и дополнување  на Законот за градежните производи;
  14. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика;
  15. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот  за таксата за привремен престој;
  16. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за стечај;
  17. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за економија, г. Христијан Делев. 

- Тој по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, истакна дека работното време на угостителските објекти за сместување не е предмет на измена на Законот, од причина што истите можат да работат од 00.00 до 24.00 часот, додека угостителските објекти за исхрана, кои се во состав на објектите за сместување, по 24.00 часот можат да даваат само угостителски услуги за брза храна.   

- Целта на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за стечај, e усогласување со одредбите на Законот за правосудниот испит, со тоа што во однос на првиот во значителна мерка ќе се подобрат условите и начинот на спроведување на постапката за полагање на испитот и ќе се добие во квалитет на проверка на знаењата и стручната оспособеност на кандидатите кои полагаат испит.
Во однос на вториот, предложените решенија се во насока на создавање на услови за уредување на одделни прашања од областа на минералните суровини во делот на полагањето на стручниот испит за добивање на лиценца за изработка на геолошка документација, изведување и надзор на геолошки истражувања и лиценца за  изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството.
Во врска со третиот, усогласувањето е во делот на електронско полагање на испитот, за да се обезбеди поголема контрола и одговорност за сите субјекти учесници.

- Предложените измени и дополнувања на преостанатите Предлог-закони, се заради усогласување со новиот Закон за прекршоци, кој предвидува значително, т.е. неколкукратно намалување на глобите за сторени прекршоци од страна на правните лица, со примена на нова методологија за одмерување на глобите утврдена во овој закон, која што се заснова на критериумите: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени и претходно поведение на сторителот.

Покрај ова, за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност, заменик-министерот додаде дека со измените ќе се овозможи подобрување на деловната клима во Република Македонија, со воведување конкретни мерки во делот на прекршочната политика, со кои значително ќе се намали висината на глобите за правните лица и трговците поединци, во случај на сторени прекршоци. Во расправата по овој Предлог-закон, учествуваше пратеникот Стефан Богоев, кој укажа дека и покрај тоа предложеното намалување на глобите, сепак тие и понатаму се високи и ги оптоваруваат правните лица во државата; дека просечната плата во Република Македонија е на ниско ниво, а висината на глобите на европско ниво.

Што се однесува на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, беше додадено дека со предложените измени трговските друштва со помал вкупен приход и помал број вработени ќе плаќаат пониски казни за исти прекршоци во однос на казните кои ќе ги плаќаат правните лица со поголем вкупен приход и поголем број вработени. Во претресот учествуваа пратениците: Панче Орцев, Љупчо Димовски, Лилјана Кузмановска, Миле Андонов, Зоран Илиоски, Марјанчо Николов, Ѓорѓи Коџабашиев, Васко Ковачевски, Хари Локвенец, Драган Цуклев, Горан Сугарески и Васил Пишев.

  • Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека сите 17 Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click