Активности

Среда, 14 јануари 2015 година

Триесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 31. Седница, одржана на 12 јануари 2015 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување на Законот за даночна постапка;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност.

Воведно образложение на сите Предлог-закони даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини. 

- Во однос на Предлог-законот за изменување на Законот за даночна постапка, тој истакна дека потребно е усогласување на висината на глобите од Законот за даночна постапка, компатибилно со висината на глобите кои се пропишани со Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, така што досегашните пропишани глоби во износ од 150 до 500 евра, се заменуваат со изрекување на глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Ѓорѓи Коџабашиев и г-ѓа Јасминка Дамческа.

- Во образложението на Предлогот на закон за дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити, г. Џељадини истакна дека основната цел е да се зголеми опфатот на депозити кои ќе се осигуруваат и обесштетуваат, со што се пропишува под депозити во смисла на Законот за Фондот за осигурување на депозити, да се подразбираат и сертификатите за депозит. 

Со ова законско решение се очекува да се зголеми довербата и сигурноста на потенцијалните иматели на сертификатите за депозити, како штедачи во банкарскиот систем на земјата, во случајов како издавач на инструментот сертификат за депозит.

Во претресот учествуваше пратеникот г. Драган Цуклев.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките, заменик-министерот за финансии истакна дека основната цел е да се овозможи на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Фондот за здравственото осигурување на Македонија, преку пристапот до податоците со кои се стекнале банките при вршење на банкарски и други финансиски активности, да извршат проверка на податоците кои ги поднесуваат барателите – физички лица, за остварување на одредени права во постапка пред овие институции. 

Во претресот учествуваа пратениците: г. Крсто Мукоски, г-ѓа Каљтрина Азизи, г-ѓа Светлана Карапетрова и г. Драган Цуклев.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност, г. Џељадини истакна дека со Законот за хартии од вредност се уредуваат начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност. 

Сертификатот за депозит е еден од инструментите со кои може да се тргува на пазарот со хартии од вредност. Со цел да заживее издавањето и тргувањето со овој инструмент, била направена анализа на регулативите од други држави, со кои е уредено издавањето на сертификати за депозит. Од анализата произлегла потребата да се прецизира постоечката дефиниција на сертификатот за депозит. 

Исто така, праксата покажала дека има потреба да се направат и други измени во Законот за хартии од вредност. Дел од измените се главно од техничка природа, а се поврзани со полагањето на стручниот испит за работа со хартии од вредност и инвестициски советник. Со измената се пропишува друштвата за управување со инвестициски фондови да можат да бидат членки на депозитарот, со што истите ќе може да отвораат портфолио сметка на хартии од вредност при вршење на услугата управување со портфолио на хартии од вредност за сметка на вложувачот. 

Со измената се воведува и можност кандидатите кои ќе се пријават за полагање на испитот за брокер и инвестициски советник, против решенијата на Комисијата за хартии од вредност да може да поднесат жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Ова се предлага заради усогласување со Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, според кој Државната комисија е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен од Комисијата за хартии од вредност. Во насока на заштита на интересите на инвеститорите, со измената на Законот се прецизира дека брокерската куќа е должна веднаш да го внесе налогот на клиентот во системот на тргување на берзата. 

Во претресот учествуваше пратеникот Владанка Авировиќ.

  • Комисијата едногласно за сите Предлог-закони заклучи дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click