Активности

Среда, 25 ноември 2015 година

Триесет и шеста седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на денешната 36. седница, како матично работно тело, во второ читање ги разгледа:

  1. Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост;
  2. Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште;
  3. Предлог законот за изменување на Законот за пасиштата;
  4. Разгледување на Извештај на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година, во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството.

На седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше, г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Ванчо Костадиновски го образложи Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година за поглавјата 11, 12 и 13 земјоделство и рурален развој, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика и рибарството.

Тој истакна дека во Извештајот генерално е нотиран одреден напредок во делот на земјоделството и руралниот развој, умерено сме подготвени во оваа област и клучно за напредокот во оваа област е подготовката, изработката и усвојувањето на новата Стратегија за земјоделство и рурален развој за 2014-2020 година. 

Со донесување на Стратегијата се обезбедува рамка која е потребна за справување со ограничувањата за развојот на секторот, за донесување на потребните мерки, ангажмани и иницијативи, со цел подобро и поефикасно искористување на средствата од ИПАРД 2 програмата, кои треба да се искористат во периодот од 2014 до 2020 година, особено искористувањето на овие средства во руралната инфраструктура. Нотиран е напредок во соработката и интересот меѓу потсекторите, како и зајакнувањето на институционалниот капацитет на соработката.

Во дискусија по Извештајот учествуваа пратениците: Панче Орцев, Дајанчо Ефтимов, Лидија Димова, Соња Талевска, Љупчо Димовски, Сашо Поцков, Реџаиљ Исмаили, Мира Стојчевска, Никола Мицевски и Марјан Даскаловски.

Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлог -законите.

Во дискусија по Предлог- законите учествуваа пратениците Панче Орцев и Љупчо Димовски.

По расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги проследи горенаведените Предлог-закони и Извештајот на натамошна постапка во Собранието.

Click