Активности

Петок, 16 јануари 2015 година

Триесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на  вчерашната Триесет и втора седница, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување  и дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка - источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“;
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и МЖ Транспорт АД-Скопје;
  4. Предлог-законот за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта;
  5. Предлог-законот за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и Јавното претпријатие за државни патишта.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини. 

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој  по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1-делница Куманово-Бељаковце“, г. Џељадини истакна дека рехабилитацијата на делницата Куманово - Бељаковце со должина од 30,8 км започна во март 2014 година. 

Со новиот модел на заем, Министерството за финансии ќе ги препозајми средствата од заемот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски железници“ – Скопје, за што Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски железници“ – Скопје ќе склучат посебен договор. 

Средствата од заемот ќе се отплаќаат од средствата на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски железници“ – Скопје. Ваквото реструктуирање на постојниот модел ќе има позитивен ефект врз динамиката на имплементација на проектот и ќе придонесе за поголема флексибилност и оперативност на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски железници“.

Во претресот учествуваше пратеникот г-ѓа Владанка Авировиќ.

- Во образложението на Предлогот на закон за дополнување на Законот за  задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка-источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, заменик-министерот за финансии истакна дека Проектот се финансира со заем од ЕБОР во износ од 145 милиони евра. 

Со изградба на оваа делница ќе заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија, со што ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите, зголемување на бруто домашниот производ и просперитетот на националната економија.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Колевски и г-ѓа Јасминка Дамческа.

- Во врска со Предлогот на закон за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и МЖ Транспорт АД-Скопје, заменик-министерот Џељадини истакна дека овој Проект се финансира со заем од ЕБОР во износ од 50 милиони евра. 

Во рамките на Проектот ќе се изврши: набавка на 4 дизел-моторни триделни патнички гарнитури и две електро-моторни триделни патнички гарнитури, рехабилитација на 8 електро локомотиви и набавка на 150 товарни вагони од различни типови. 

Во претресот учествуваше пратеникот г-ѓа Лилјана Затуроска.

-  По Предлогот на закон за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, г. Џељадини истакна дека Програмата за национални патишта во износ од 160 милиони евра ќе се реализира во две транши. 

Првата транша е во износ од 74 милиони евра, а втората 86 милиони евра. Овој проект е дел од политиката на Владата на Република Македонија за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија. Имплементатор на проектот ќе биде ЈП за државни патишта. 

Во претресот учествуваа пратениците: г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Сашо Василевски и г. Никола Мицевски.

- Во однос на Предлогот на закон за дополнување на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и Јавното претпријатие за државни патишта, г. Џељадини истакна дека со реализација на овој Проект ќе се подобри поврзаноста на избрани магистрални и регионални патишта со Коридорот X и Коридорот VIII, како и ќе се подобри капацитетот на ЈП за државни патишта во однос на безбедноста на патиштата.

Поточно, во првата година со реализацијата на Проектот ќе се изврши рехабилитација на најмалку 112 км магистрални и регионални патни делници, кои ќе ги предлага ЈП за државни патишта и ќе се санираат црните точки во избрани области. Притоа, ќе се изврши и поправка на свлечишта на земјиште во избрани области. 

Воедно, проектот ќе овозможи зајакнување на капацитетите на ЈП за државни патишта  и тоа преку обезбедување техничка помош и спроведување годишни финансиски ревизии на проектот, спроведување активности за безбедност на патиштата, обезбедување опрема и спроведување активности за прибирање податоци за мрежата за истражување на условите на патиштата и прибирање податоци за сообраќајот за три години и обезбедување техничка помош за подготовка на Стратешка програма за периодично одржување и за рехабилитација, обезбедување техничка помош за подготовка на потенцијални идни инвестиции во патниот сектор, вклучувајќи: подготовка на упатства за најдобри практики; спроведување обука на вработените на ЈП за државни патишта; спроведување економска оценка на инвестициите во патиштата, ревизии на безбедноста на патиштата и мерки за отпорност на климатските услови; преглед на постојните практики и стандарди за одржување и давање препораки за подобрување и активности за следење, како и среднорочни анкети за оценка на влијанието.

  • Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, по сите пет Предлог-закони не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата ги проследи истите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click