Активности

Петок, 9 јануари 2015 година

Тринаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство 

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 13. седница, одржана на 8 јануари 2015 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата - II читање;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Претседавачот со Комисијата, г. Ромео Тренов, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваше пратеникот г. Реџаиљ Исмаили.

Врз основа на членот 149 став (2) од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата поднесе и усвои два амандмани од причина што се цени дека условот од три години работно искуство на лицето кое ќе има право на вршење на професионална работа на давање јавни услуги во областа на производите и опремата, треба да се намали и биде една година работно искуство.

По расправата, Комисијата го проследи Предлог-законот на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

- Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, претставникот на Владата, г. Костадиновски, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г. Ромео Тренов, г. Љупчо Димовски и г-ѓа Силвана Бонева. 

Беше истакнато дека овој закон е од исклучително значење за земјоделците во Република Македонија и оние кои се во директен контакт со нив. Со оваа измена се решаваат проблемите кои ги имаа земјоделците, а во врска со долговите кои ги имаа и субвенциите кои требаа да ги добијат.

На крајот Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, со едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој (прво читање) и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека Предлогот на  законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click