Активности

Вторник, 31 мај 2016 година, Брисел

Eвропските политички семејства имаат позитивна улога во процесот на пристапување во ЕУ 

На 30 и 31 мај во Брисел се одржува Меѓупарламентарна конференција за интеракцијата меѓу политичките групи, партиите и Владата во процесот на пристапување кон Европската Унија, на која учествуваат пратеници од Европскиот парламент и пратеници од земјите аспиранти за ЕУ. Собранието на Република Македонија на овој настан го претставуваат пратениците: Сашо Василевски, Лидија Димова, Талат Џафери и Имер Алиу. 

Првиот ден на Конференцијата беше посветен на развојот на политичките партии, улогата на политичките семејства во партиската динамика и политичките партии во Парламентите, односно улогата на владејачкото мнозинство и опозицијата како и искуствата на конструктивната опозиција.

Во однос на политичките партии, беше нагласено дека во Европа традиционалните партии ја губат својата поддршка и за сметка на нив се поголема поддршка добиваат популистичките и радикалните партии. 

Забележлив тренд во некои европски земји е појавата на нови партии пред избори кои успеваат да освојат места во Парламентите, но потоа брзо ја губат поддршката кај граѓаните поради непостоење на јасен идентитет или партиска структура. 

Во дебатата беше потенцирана позитивната улога на европските политички семејства во процесот на пристапувањето, особено што тие секогаш имале позитивен став кон проширувањето на Европската Унија. 

Политичките партии стануваат членки на партиските семејства застапени во Европскиот парламент пред нивните држави да станат членки на ЕУ и со тоа стекнуваат искуства за функционирањето на партиите во рамките на Унијата, а истовремено обезбедуваат поддршка за своите држави. 

Европските политички  партии имаат многу активна улога и интензивна соработка со сестринските партии од земјите од Западниот Балкан, која често вклучува градење на капацитетите во форма на обуки за лидерство, за младината, жените итн. Европските партиски семејства отсекогаш имале позитивен став кон проширувањето и тоа го демонстрирале преку својата активна улога и континуирана поддршка.  

На темата за улогата на владејачките партии и опозицијата во Парламентите, беше истакнато дека демократијата го вклучува правото на политичката опозиција да врши контрола. Конфликтот се канализира во Парламентот, а опозицијата влијае врз подобрувањето на работата на Владата. Во демократските општества, постоењето на алтернатива на Владата ги мотивира граѓаните да се вклучуваат во демократските процеси.

Во дискусиите кои следеа, пратениците од земјите кандидати за членство изразија загриженост поради постојаното зголемување на барањата за членство, што предизвикува фрустрираност и намалување на поддршката на граѓаните за пристапување во ЕУ. Понатаму, беа опфатени и актуелните теми, како визната либерализација за Турција и Косово, како и проблемот со бегалците, за што во повеќе наврати беа поздравени напорите кои ги прави Република Македонија во справувањето со овој сериозен проблем.

На вториот ден на Конференцијата се дебатираше за транспарентноста и одговорноста на парламентите и нивната контрола и поддршка за владите. 

Беше претставено и функционирањето на Европскиот парламент. Иако поседува целосна законодавна моќ, ЕП не поднесува иницијативи за закони, оставајќи ја таа функција на Европската комисија. Во процесот на одлучувањето, Европската комисија спроведува две фази и тоа спроведува широки консултации со сите засегнати страни пред да иницира законски решенија и врши евалуација на влијанието на новите политики. Транспарентноста и пристапот до информации го зголемуваат учеството на граѓаните и ги намалуваат можностите за злоупотреба на власта. 

Исто така, беше нагласена потребата од заштита на т.н. свиркачи во известувањето за сите злоупотреби и неправилности. Во текот на дебата беше претставено искуството на Хрватска во процесот на пристапување кон ЕУ, при што клучен за процесот бил консензусот постигнат во Хрватскиот парламент.

Click