Активности

Четврток, 24 септември 2015 година, Загреб

Учество на Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција на тема „Јавниот сервис и парламентите“

Во организација на Европскиот парламент, во соработка со Парламентот на Република Хрватска, Европската радиодифузна унија и Хрватската радио-телевизија, денеска и утре во Загреб, Република Хрватска, се одржува Интерпарламентарна конференција на тема „Јавниот сервис и парламентите“. 

На Конференцијата учествува Делегација од Собранието на Република Македонија, во состав г. Реџаиљ Исмаили, претседател на Комисијата за транспорт, врски и екологија и г-ѓа Лилјана Затуроска, член на Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Интерпарламентарната конференција ја отвори г. Јосип Леко, претседател на Парламентот на Република Хрватска; г. Гвозден Флего, пратеник од Парламентот на Република Хрватска и член на Парламентарното собрание на Советот на Европа; како и г. Горан Радман, генерален директор на ХРТ.

Во рамките на програмата, првиот ден се отвори дискусија за улогата на парламентите и јавните сервиси, нивната соработка, европските стандарди и практики во земјите од Југоисточна Европа и Турција, назначувањето на процедури за медиумите на јавниот сервис, именувањето на управни и надзорни одбори, односот меѓу Парламентот, граѓаните и радиодифузерите, парламентарна покриеност од страна на медиумите и важноста на обезбедување на информации за работата на Собранието.

На Конференцијата се очекува да се дебатира и да се отворат прашања за медиумите на јавниот сервис и парламентите, ќе бидат дадени кратки извештаи по земји како медиумите на јавниот сервис во Југоисточна Европа и Турција ја опфаќаат работата на парламентот, предизвиците и препораки, парламентарни канали, искуствата на добро воспоставени парламентарни канали.

Претседателот на Комисијата за транспорт и врски, г. Реџаил Исмаили, во своето излагање посочи дека задача и улога на Македонската радио телевизија, како јавен радиодифузен сервис во земјата, е да придонесе за остварување на медиумски плурализам и демократско општество, а Собранието има програмска одговорност за емитување на програмскиот сервис, наменет за емитување на активностите на Собранието. 

Собранискиот канал ги информира и образува граѓаните за политичкиот живот, преку парламентарни, образовни и граѓански програми, емитува програми од интерес за социјалната кохезија, меѓуетничкиот соживот, културните разлики и борбата против сите видови дискриминација и нуди програми кои ја одразуваат разноликоста на македонското општество. 

На вториот ден на Конференцијата се очекува да се дебатира и да се отворат прашања во врска со медиумската покриеност на изборите на Европскиот парламент и неговата работа.

На претстојниот Парламентарен семинар ќе учествуваат европратеници, претставници од парламентите на Земјите на Западен Балкан и Република Турција, претставници од Европската комисија, експерти, претставници од националните радио дифузни сервиси, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен, со акцент на размена на информации меѓу учесниците. 

Click