Активности

Понеделник, 12 септември 2016 година

Учество на собраниска делегација на Регионална конференција за менаџирање со јавните финансии

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше на Регионална конференција на тема: „Зајакнување на регионалната соработка помеѓу парламентите од Западен Балкан со цел подобрување на менаџирањето со јавните финансии", која се одржа на 9 и 10 септември во Белград. 

Во состав на Делегацијата беа: г. Марјанчо Николов, претседател на Комисијата за финансирање и буџет; г. Љупчо Димовски, претседател на Комисијата за економски прашања; г-ѓа Владанка Авировиќ, заменик на претседателот на Комисијата за економски прашања и г. Талат Џафери, член на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија.

Конференцијата беше во организација на Вестминстер Фондацијата за демократија и Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и европски интеграции на Западниот Балкан, а учествуваа делегации од националните парламенти на земјите од Западен Балкан и претставници од Светската Банка.

Беа разгледани неколку теми кои се во функција на зајакнување на контролната функција на националните парламенти, како што се: запознавање со програмата за јавните расходи и финансиска одговорност (ПЕФА), потребата од отворен буџетски процес и посилна финансиска контрола, соработката помеѓу државните заводи за ревизија и националните парламенти, како и можностите за соработка помеѓу министерствата за финансии и комисиите за финансирање и буџет.

Свое излагање имаше претседателот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г. Марјанчо Николов. 

Тој истакна дека најзначајна функција на националните парламенти е контролата на трошењето на јавните средства. Оваа функција парламентите можат поуспешно да ја вршат доколку постои соодветна фискална транспарентност од страна на извршната власт и другите буџетски корисници. Честопати помеѓу пратениците постои дилема дали Владата има право да го надминува нивото на буџетски дефицит кој го одобрил Парламентот. Доколку се надминува буџетскиот дефицит, Владата треба да ги ревидира проекциите и да достави ребаланс на буџетот. При разгледување на буџетот потребно е да се анализира и неговата структура, при што поднесениот предлог на буџет од страна на Владата треба да содржи подетални податоци. Во насока на поголема транспарентност, корисна би била изработка на граѓански буџет кој ќе им овозможи на граѓаните да бидат информирани на кој начин се трошат јавните средства. Разгледувањето на Фискалната стратегија од страна на пратениците, исто така, е корисно, бидејќи ќе придонесе за поголема транспарентност.

Во однос на соработката со Државниот завод за ревизија, беше истакнато дека Собранието на Република Македонија го разгледува годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија. Покрај овој извештај, Државниот завод за ревизија до Собранието на Република Македонија доставува и извештај за извршената ревизија на буџетот на Република Македонија кој е составен дел на завршната сметка на буџетот што ја разгледува Собранието. Корисно би било дел од конечните ревизорски извештаи да се разгледуваат од страна на посебна собраниска комисија или од подкомисија во рамки на Комисијата за финансирање и буџет. 

На крајот од своето излагање, г. Николов оцени дека во земјите каде што постои добра парламентарна контрола за начинот на кој се трошат јавните средства, се постигнуваат подобри економски резултати.

Click