Активности

Вторник, 9 септември 2014 година

Учество на собраниска делегација на регионална парламентарна конференција во Бечиќи, Црна Гора

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, заменик-претседател на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Нора Алити, заменик-претседател на Комисијата за европски прашања; г. Драган Цуклев, член на Комисијата за економски прашања и г. Никола Мицевски, член на Комисијата за европски прашања, учествуваше на Регионалната парламентарна конференција за надзор на енергетските политики и енергетските инвестиции на тема „Парламентарен надзор на енергетските политики и енергетските инвестиции во земјите од Западен Балкан“, која се одржа на 6 и 7 септември 2014 година во Бечиќи, Црна Гора.

Конференцијата беше  организирана во рамките на Проектот на Вестминстер фондацијата за демократија и Парламентарната мрежа на Комисиите за економски прашања, финансирање и буџет и европски прашања на земјите од Западен Балкан.

На конференцијата учество зедоа пратеници од Парламентите на земјите од Западен Балкан, претставници од енергетските Регулаторни тела и експерти од областа на енергетиката.

Конференцијата поттикна широка дебата меѓу пратениците и претставниците од стручната фела и тоа во делот на енергетските инвестиции во Западен Балкан, идните потреби и импликации, улогата на енергетските регулаторни тела и улогата на парламентите во надзорот на енергетските тела и енергетските политики. Посебен акцент беше даден во делот на Третиот енергетски пакет.

На конференцијата беа предложени следните заклучоци:

  1. Парламентарната мрежа на Комисиите за економски прашања, финансирање и буџет и европски прашања на земјите од Западен Балкан ја увидува потребата од идни инвестиции во секторот за енергетика за развој на сите земји во регионот и парламентите на земјите од Западен Балкан кои имаат важна улога во промовирањето на основањето на заеднички пазар за регулирање на енегетиката и поддршка на проекти за регионални инвестиции во енергетиката;
  2. Регионалните стратегии треба да се во согласност со државните стратегии;
  3. Парламентите да ја вклучат академската заедница, бизнис заедницата, инвеститорите, граѓанското општество и слично во надзорот на енергетските политики преку работата на собраниските комисии.
Click