Активности

Понеделник, 4 јули 2016 година, Тбилиси

Усвоени резолуции на тема „25 години парламентарна соработка: градење на доверба преку дијалог"

На 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 1 до 5 јули 2016 година во Тбилиси, Грузија учествува Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од пратеникот Владимир Ѓорчев, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ).

Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и животната средина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања ги разгледаа извештаите и ги усвоија резолуциите на тема „25 години парламентарна соработка: градење на доверба преку дијалог", со којашто Парламентарното собрание на ОБСЕ одбележува четврт век од своето постоење. 

Трите комисии на ПС на ОБСЕ продолжуваат со работа по другите точки на дневниот ред, што се однесуваат на борбата против корупцијата, соочувањето со предизвиците со бегалците и внатрешно раселените лица, правата на бегалците, кризата во и околу Украина, разрешувањето на долготрајните конфликти, справувањето со тероризмот, човековите права и основните слободи во Крим, укинувањето на санкциите против пратениците, зацврстување на механизмите за рано предупредување на ОБСЕ и сл.

Генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, г. Жарко Денковски оствари средба со генералниот секретар на ПС на ОБСЕ, г. Роберто Монтела, на која се дискутираше за соработката меѓу двете собранија и организацијата на претстојната Есенска сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје, Република Македонија.

Се очекува на 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ да биде усвоена „Декларација од Тбилиси", со препораки за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, упатени до ОБСЕ и земјите учеснички.

Click