Активности

Понеделник, 14 јули 2014 година

Важно е да се градат лични контакти на релација Македонија - Австралија

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Австралија, г. Илија Димовски, оствари средба со г. Мајкл Садерленд, претседател на Парламентот на Западна Австралија.

На средбата присуствуваа членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Австралија, потоа г. Веле Трпевски, амбасадор на Република Македонија во Австралија и г. Зоран Костовски, почесен австралиски конзул во Република Македонија.

Господинот Илија Димовски истакна дека Република Македонија вложи огромни напори за зацврстување на односите со парламентите во Австралија и со Сојузниот парламент на Австралија и дека Собранието на Република Македонија има остварено повеќе средби со Парламентите во Австралија, кои придонесуваат за доближување не само на Парламентите, туку и на двете држави во целост.

Тој, исто така, го запозна гостинот со повеќе теми кои досега биле дискутирани на парламентарно ниво на соработка, меѓу кои и образовните интереси за пронаоѓање можности за испраќање и стипендирање на студенти од Македонија во Австралија и обратно.

Во тој контекст, г. Садерленд истакна дека еден од начините да се развијат односите меѓу Македонија и Австралија е токму размената на средношколци и студенти, кои можат да бидат амбасадори на своите земји.

На средбата стана збор и за релаксација на визната политика кон Република Македонија, при што г. Садерленд информира дека истите проблеми ги имаат и со српската заедница, но дека тие се решаваат на федерално ниво.

Тој нагласи дека македонската заедница во Перт, во претходниот период не била многу активна во локалните совети, но дека во последните години се прават напори таа да се издигне на ниво на другите заедници во Перт, како италијанската, грчката и други, и тој е уверен дека во наскоро време ќе имаат претставник на македонската заедница во Парламентот.Господин Садерленд заклучи дека е многу важно да се градат лични контакти, без разлика дали се разговара за визи, економија или други теми.

Click