Активности

Вторник, 27 октомври 2015 година, Фиренца

Во Декларацијата во Фиренца за Медитеранот и точка за мигрантите

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Антонио Милошоски и претседателката на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Ермира Мехмети, учествуваа на меѓународната Конференција на комисиите за европски прашања на Медитеранот, што се одржа вчера, на 26 октомври 2015 година, во Фиренца, Италија. 

На Конференцијата, на тема: „Новите пaрадигми на медитеранската соработка - Дваесет години по Декларацијата од Барселона“ имаше богата расправа за повеќедимензионалната димензија на евромедитеранската соработка и улогата на регионалните и локалните авторитети, за новите парадигми на економската размена помеѓу двата брега на Медитеранот, како и за можностите за споделување на културни и религиозни вредности на луѓето од Медитеранот.

Врз основа на расправата беше предложена и усвоена Фирентинска декларација за Медитеранот, во која се повикува на нов пристап базиран на еднакво партнерство фокусирано на децентрализиран пристап во однос на регионалните и локалните влади, со цел за промоција на социоекономскиот развој на зeмјите на Медитеранот.

Исто така, се повикува и на развивање на прекугранична соработка како дополнување на билатералната и мултилатералната соработка и усвојување на макрорегионална стратегија.

Во однос на прашањето за сè поголемиот број на имигранти од Сирија, како и од другите кризни воени подрачја делегацијата на Турција, побара декларацијата да се дополни со нова точка во која ќе се нагласи потребата за поголема помош од ЕУ и од земјите на Медитеранот, покрај со финансиска помош и со друг вид на помош со цел на имигрантите да им се помогне во организацијата на секојдневниот живот.

Во таа насока, присутните делегации на Македонија, Албанија и Црна Гора предложија дополнување на Декларацијата, кое беше внесено во Декларацијата со следниот текст: „Се потврдува влијанието на бегалската криза со која се соочуваат земјите од Западен Балкан, особено на социјално-економски план, како поддршка на 17. точка на Акцискиот план усвоен на Самитот на Европската унија - Западен Балкан (25 октомври 2015) и повикува на конкретни и координирани страрегии помеѓу ЕУ-ЗБ Медитерански земји со цел за поефикасно справување со овие предизвици преку повеќе видови на финансиски инструменти на Унијата кои би можеле да ги користат земјите на Медитеранот”. 

Click