Активности

Понеделник, 9 ноември 2015 година, Трст

Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа

На седниците на Комитетот за политички прашања и на Комитетот за економски прашања на Централноевропската иницијатива кои се одржуваат во Трст, учествуваат г-ѓа Јулијана Силјановска, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ЦЕИ и г-ѓа Лилјана Затуроска, член на Делегацијата. 

На седниците учествуваат пратеници од 9 држави-членки на Централноевропската иницијатива, а теми за дискусија се проширувањето на ЕУ и НАТО, микрорегионалните стратегии на ЕУ, миграциите и лингвистичките малцинства на Комитетот за политички прашања и транспортот и инфрастриктурата во регионот на ЦЕИ на Комитетот за економски прашања. 

Состаноците на овие два Комитета имаат за цел да го трасираат патот на седницата на Парламентарното собрание на ЦЕИ која ќе се одржи од 9 до 11 декември 2015 година, во Република Македонија, која по принципот на ротација претседава со организацијата во текот на 2015 година, и на која ќе се расправа за најактуелните прашања кои влијаат на Европа и на регионот на ЦЕИ. 

На отворањетоа на состанокот од страна на шефот на италијанската Делегација г. Лодовико Сонего, во својство на домаќин, а во име на италијанскиот Сенат и на Претставничкиот дом, беше искажана целосна поддршка за интеграција на државите од Западен Балкан во Европската унија. Беа повикани европските институции да ја забрзаат интеграцијата на Западен Балкан бидејќи регионот ѝ припаѓа на Европа, а државите прават големи напори кон пристапувањето и мораат да бидат охрабрени на тој пат. Европските институции мораат да стојат рамо до рамо со државите на Западен Балкан на нивниот пат, со цел да се избегне разочарувањето и да се спречат антиевропски фрустрации кои би можеле да доведат до дестабилизација.

Централно место во дикусиите имаше темата за големиот бран на мигранти од Блискиот Исток и потребата од заедничко делување, засновано на солидарност и одговорност за постигнување на одржливо решение. 

Во однос на подобро транспортно поврзување на државите од Западен Балкан беше заклучено дека инвестициите во инфраструктурата имаат големо влијание за зголемен економски раст, продуктивноста и креирањето на работни места. Шефот на Делегацијата, г-ѓа Силјановска учествуваше во дискусијата за мигрантите и нагласи дека државите низ кои минуваат мигрантите и оние во кои тие патуваат мораат да соработуваат и да ги координираат своите активности. Таа истакна дека Република Македонија, која е земја на транзит на Балканската рута на мигрантите, во некои денови бележи околу 10.000 бегалци и мигранти на својата територија, што ги исцрпува финансиските, техничките и човечките ресурси на државата. Бидејќи е повеќе од јасно дека ниту една земја на рутата на мигрантите не е во можност сама да се справи со предизвиците, Силјановска повика на заедничко делување.

Членот на Делегацијата, Лилјана Затуроска зборуваше за транспортното поврзување на државите од Западен Балкан. Таа истакна дека транспортните коридори VIII и X се меѓу приоритетите на македонското претседателство со ЦЕИ. Таа информираше дека државата постигна значителен напредок во имплементацијата на проектите за изградба и подготовка на документацијата за изградба на патните и железничките делови на коридорите 8 и 10 со помош на грантовите од ЕУ, како и преку заеми од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка и ЕКСИМ банката. 

Click