Активности

Среда, 22 јуни 2016 година

Значителна помош од чешката полиција во справувањето со мигрантската криза

Делегација на Комисијата за безбедност на Претставничкиот дом на Парламентот на Чешката Република, во рамките на својата официјална посета, во Собранието на Република Македонија оствари средба со Комисијата за одбрана и безбедност и со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Чешката Република.

Во составот на Чешката делегацијата беа г. Роман Вана, претседател на Комисијата и членовите: г-ѓа Зузка Бебарова-Рујброва и г. Љубомир Тоуфар.

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност беше предводена од  г. Сашо Аќимоски, претседател на Комисија и членовите: г. Павле Трајанов, г. Марјанчо Колевски, г-ѓа Вјолца Мехмети-Нуредини, г. Чедомир Саздовски, г-ѓа Нада Ципушева, г. Талат Џафери, г. Горан Сугарески и г. Марјан Даскалоски. 

Претседателот Аќимоски во своето воведно излагање изрази задоволство од посетата на Чешката делегација, посакувајќи им успешна работа и престој во Македонија.  Притоа посочи дека оваа средба ја гледа како можност за размена на мислења и искуства во однос на прашањата од областа на полицијата и одбраната, предизвиците со кои се соочува земјата, воедно и Европа, во однос на бегалската криза и миграцијата, како и можните перспективи за проширување на соработката помеѓу двете земји.

Присутните, политичките и економските односи меѓу Македонија и Чешка ги окарактеризираа како добри и пријателски, со цврсти заложби за нивно понатамошно интензивирање и продлабочување, притоа упатија благодарност за признавање на Македонија под уставното име, континуираната подршка која Чешка ѝ ја дава во однос на интеграцијата во ЕУ и НАТО семејството, како и за укажаната помош на чешката полиција за контрола на јужната граница при справувањето на Македонија со бегалската криза.

Претседателот на Комисијата за безбедност на Претставничкиот дом на Парламентот на Чешката Република, г. Роман Вана, во однос на моменталната состојба со бегалците, посочи дека Македонија одлично се справува, притоа истакнувајќи ја важноста на безбедноста на Западен Балкан, како безбедност на цела Европа.

Воедно, г. Вана упати покана за средба и соработка на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, догодина во Прага.

На средбата со Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Чешката Република, покрај претседателот на Групата, г. Петре Шилегов, присуствуваа и членовите: г. Драган Цуклев, г-ѓа Олга Најденовска, г-ѓа Сузана Секуловска, г. Талат Џафери и г. Стојко Пауновски.

Претседателот Шилегов изрази задоволство од посетата, што придонесува за подобрување на и така добрите односи меѓу двете земји и се заблагодари за помошта на чешката полиција на граничните премини во текот на мигрантската криза. 

Исто така, тој ги запозна гостите со актуелната политичка криза, претензиите кон ЕУ и НАТО, билатералниот спор со Грција и значајната улога на Република Македонија во мигрантската криза како транзитна земја во средиштето на балканската рута. Притоа, ги информира и за измените во Законот, со кои строго се казнува евентуалното учество на македонски државјани во терористички организации. 

Во својот говор, членовите на Пратеничката група, ја искористија можноста за искрена благодарност до припадниците на чешката полиција, кои во овој период се сместени во капацитетите на Општина Гевгелија, а се истакнуваат со својата способност и храброст во справувањето со бегалците. Исто така, беше изразена надеж за уште поинтензивна парламентарна соработка, која ќе отвори пат за соработување и на други полиња.

Од своја страна, г. Роман Вана, ја искажа целосната поддршка од неговата земја на евроинтегративниот пат и задоволството од соработката на полицијата. Во тој контекст даде идеја за заедничка вежба на македонските и чешките полицајци во Чешка.

Имајќи само пофални зборови, тој Република Македонија ја нарече храбра земја која цврсто стои на границите на ЕУ од двете страни и ја брани Европа. 

Click