Активности

Четврток, 3 октомври 2019 година

Активно учество на пратениците Китев и Хадри на сесијата на ПССЕ

Во текот на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое оваа недела се одржува во Стразбур, пратениците Китев и Хадри учествуваа во расправите на неколку теми.

Китев зборуваше за подобрувањето на заштитата на укажувачите низ цела Европа и истакна дека укажувачите играат клучна улога во спречувањето на кршењата на законите и заштитата на општеството, но тие честопати се обесхрабрени да ги пријавуваат своите грижи или сомневања поради страв од одмазда. Во таа насока, Китев го поздрави предлогот земјите членки на Советот на Европа да го ревидираат нивното релевантно законодавство за да им дадат на укажувачите во своите земји повисоко ниво на заштита, или исто како и оние од земјите членки на ЕУ. Тој зборуваше и за потребата за поставување на општи стандарди за институцијата Омбудсман во Европа и, споделувајќи го искуството на Република Северна Македонија, нагласи дека институциите на народниот правобранител имаат клучна улога во консолидирањето на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и затоа ги поздрави сите предлози што ја промовираат нивната работа.

Пратеничката Шпреса Хадри имаше обраќање за Банката на Советот на Европа. Таа нагласи дека Банката обезбедува финансии и техничка експертиза за проекти со големо социјално влијание и со тоа активно промовира социјална кохезија и ја зајакнува социјалната интеграција во Европа. Како што е наведено во Извештајот, следниот план за развој за 2020 - 2022 година ја нагласува улогата на Банката за развој на Советот на Европа во колективната мобилизација на сите засегнати страни кон постигнување на целите за одржлив развој на ООН, особено со фокусирање на потребите на најповолните групи на население и во урбани и во рурални области. Таа заклучи дека должност на политичарите е да работат на обезбедување социјална еднаквост и дека парламентарците би можеле да играат поактивна улога во промовирањето на проектните иницијативи во своите држави.

Китев имаше краток коментар за г-ѓа Марија Пејчиновиќ-Буриќ по нејзиното прво обраќање пред пратениците по преземањето на функцијата генерален секретар на Советот на Европа. Тој се осврна на предлогот на Франција за формирање на опсерваторија за наставата по историја во Европа, што би имало за цел да обезбеди неутрална проценка на тоа како се учи историја во училиштата и побара од генералниот секретар поширока елаборација на овој предлог при нејзиното следно обраќање. 

Click