Активности

Понеделник, 14 октомври 2019 година, Белград

„Актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на ЦОР, одговорна потрошувачка и производство“

На 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври 2019 година во Белград, Република Србија, учествува Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата во ИПУ. Во рамките на 141. Собрание, денеска седници одржаа постојаните комисии за одржлив развој, финансии и трговија (Втора комисија) и за демократија и човекови права (Трета комисија).

Пратеникот Диме Велковски учествуваше во расправата на Втората комисија, на тема: „Актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на ЦОР, одговорна потрошувачка и производство“. Тој оцени дека итно се потребни иновативни концепти за подобрување на ефикасноста на ресурсите, намалување на отпадот и актуелизирање на практиките за одржливост во сите сектори на економијата.  Од друга страна, дигиталните технологии во голема мера можат да придонесат за редуцирање на потрошувачката на ресурсите, забрзување на пристапот до знаење, услуги и вештини и транзицијата од линеарна кон циркуларна економија.

Тој информираше дека една од стратешките цели на „Индустриската стратегија на Република Северна Македонија 2018-2027“ е катализирање на зелената индустрија и зеленото производство, што вклучува, меѓу другото, заложба за намалување на влијанијата врз животната средина од процесите и производите со поефикасно користење на ресурсите, постепено отстранување на токсичните супстанции, замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија и сл. Пристапот промовира одржливи модели на производство и потрошувачка, кои се ресурсно и енергетски ефикасни, при што фокусот е ставен на малите и средни претпријатија во производниот сектор. Во Стратегијата, исто така, е предвидено подигање на свеста и обука за циркуларна економија, зелено производство, производство на затворен циклус, енергетска ефикасност и чисто производство.

Како член на Националниот совет за одржлив развој на Република Северна Македонија, односно еден од двајцата претставници на Собранието во ова тело, Велковски цврсто ќе се залага државата да развие јасна рамка за поддршка на производниот сектор во контекст на новите предизвици кои ги носи концептот на  циркуларната економија.

Тој посочи дека парламентарците треба да направат сè што е во нивна моќ преку соодветни законски решенија да го стимулираат деловниот сектор да  инвестира во дигитализацијата и циркуларната економија.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е пред 130 години како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 179 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ја промовира демократијата и им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни и родово балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување, вклучително и на работата на Обединетите нации и спроведувањето на Агендата за одржлив развој 2030 година.

Click