Активности

Вторник, 9 април 2019 година

Билатерална средба на претседателот Џафери со потпретседателот на Националното собрание на Франција, г-ѓа Биро Бонард и претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, г. Бизе, во рамките на Конференцијата на претседатели на парламенти од Европската Унија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери во Виена, Австрија на 8 и 9 април 2019 година учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти од Европската унија, на која покрај Претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, поканети се и претседатели на Парламенти на земјите кандидати за членство во ЕУ и земји кои учествуваат како набљудувачи. Со Конференцијата претседава г. Волфганг Соботка, Претседател на Австрискиот Национален Совет, и г. Инго Апе, Претседател на Австрискиот Федерален Совет.

Според дневниот ред, конференцијата е поделена на две сесии и тоа Европската унија и нејзините соседи и Европската унија во пресрет на европските избори во 2019 година – понатамошен развој на соработката меѓу националните парламенти и европските институции.

Спикерите срдечно го поздравија стапувањето во сила на Преспанскиот договор, оценувајќи го како историски чекор кој поставува пример на помирување за целиот регион. Тие ја поздравија Република Северна Македонија и Република Грција за ова важно постигнување.

Имајќи предвид дека проевропскиот курс на земјите од Западниот Балкан најдобро се одржува со видливи напредоци во процесот на пристапување, претседателите на парламентите уште еднаш ја потврдија европската перспектива на земјите од Западен Балкан и заложбите за проширување на Европската унија, како инвестиција во мирот, демократијата и безбедноста.

На втората сесија, Спикерите ги повикуваа граѓаните на Европа за активно да учествуваат во обликувањето на иднината на Европа преку искористување на нивното право на глас во идните европски избори на 23-26 мај 2019 година.   Јакнењето на односот помеѓу националните парламенти и институциите на ЕУ е важно за доближување на ЕУ до нејзините граѓани, зголемување на довербата  и создавање на поголема транспарентност.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Талат Џафери оствари и билатерална средба со потпретседателката на Националното собрание на Франција, г-ѓа Биро Бонард и претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, г. Бизе. Соговорниците ги оценија билатералните односи како добри но се заложија за поинтензивна соработка на високо ниво во наредниот период. Претседателот Џафери информираше за усвојувањето на законите од реформската агенда и побара поддршка за евроинтеграциските процеси. Од француска страна беше изразено уверување дека Франција ќе продолжи да ги подржува земјите од Западниот Балкан бидејќи смета дека нивната стабилност е суштинска за Европа, но дека ќе инсистира на стриктно почитување на критериумите за членство.