Активности

Петок, 17 мај 2019 година

Богатство на општеството е разноликоста

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одбележа 17 мај - Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата.

На настанот, покрај пратениците членови на Интерпартиската група, присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор и организации членки на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

Координаторката на Интерпартиската група, Маја Морачанин, го отвори настанот, изразувајќи задоволство и чест што за прв пат одбележувањето на овој ден се одржува во законодавниот дом. Таа ја спомена Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година, во чиј прв член стои дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.

Интерпартиската група, која е формирана во февруари минатата година, а брои 15 пратеници, во соработка со граѓанскиот сектор има направено прогресивни чекори во законската регулатива, oсобено во Законот за заштита и спречување на дискриминација, со посебно наведување на сексуалната ортиентација и родовиот идентитет. Особено важна е заложбата за имплементација на донесените закони, затоа што само така ќе се почувствуваат придобивките во секојдневното живеење. Учеството на пратениците во националната кампања „Не суди кој кого љуби“ значи придонес кон подигнувањето на свеста против насилството и дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето. Исто така, беше спомената студиската посета на Холандија на која се стекнати нови искуства за уште поуспешна работа на Групата, но и идејата од поранешната холандска амбасадорка Марија Шурман за зачленување во Глобалната мрежа за еднакви права, за што веќе е упатено барање до Министерството за надворешни работи. 

Пратеничката Јагода Шахпаска, како членка на Интерпартиската група, искажа верба во оваа приказна. „Ниедна битка не е лесна, но секој поединец треба да ги води битките на фронтот на кој се наоѓа. Пробивањето на мразот оди тешко, но доколку сме заедно, ќе биде полесно“, рече таа, упатувајќи апел до медиумите за осудување на говорот на омраза. „Богатство на општеството е разноликоста. Боите на виножитото се најубавиот спектар“, заврши Шахпаска.

Од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија свои обраќања имаа Јована Јовановска-Кануркова и Антонио Михајлов, кои искажаа благодарност до Собранието за одбележување на овој ден. Тие беа едногласни дека оваа долгогодишна борба е борба за сите граѓани и таа нема да престане. На секој мал чекор на поддршка и разбирање, на индивидуалните и колективните напори за градење заедница, треба да им се оддаде признание. Токму затоа тие ѝ врачија награда на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, за поддржувач на годината. Во овој контекст, беше прикажано и кусо видео за заедничките активности во борбата за унапредување на положбата на ЛГБТИ лицата. 

Click