Активности

Среда, 1 август 2018 година

Буџетскиот совет го утврди Предлог-буџетското барање на Собранието за 2019 година 

Буџетскиот совет, на денешната седница, го разгледа и го утврди Предлог-буџетското барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година. Буџетот за 2019 година е амбициозен, затоа што започнуваме реформи кои нема да бидат лесни, треба политичка воља и финансиски средства за да се обезбеди финансиска независност, реформи во собраниските служби и внатрешното обезбедување, посочи генералната секретарка  Цветанка Иванова. 

Со ова, рече, Собранието ќе ја добие уставната позиција, да биде прва од трите независни власти.  Ќе имаме буџет-предвесник на реформите во Собранието, посочи Иванова, образложувајќи дека ова ќе значи реализација на стратешките цели. Со буџетот за 2019 година, предвидено е отворање на 75 канцеларии за контакт на пратениците со граѓаните, поголемо учество на граѓаните, Отворен парламент, обука на службите, бидејќи Паламентот и пратениците не можат ништо без обучени и ефикасни служби, потоа подобрување на информатичката мрежа, изработка и почеток на реализација на Стратегијата за ризици со што ќе се детектираат слабите алки во работата на Законодавниот дом. 

Претседателката на Буџетскиот совет Фросина Ташевска-Ременски, рече дека буџетот  на Собранието за 2019 година ќе ги следи стратешките цели. Предлогот е одраз на реалните потреби, не се оди со максималистички проекции и нерационално работење. Главно е, рече, ефикасно извршување на стратешките цели, ветувајќи ефикасно и економично работење. Следната година, рече Ташевска-Ременски ќе се пофалиме со конкретни законски измени во делот на буџетирањето. 

Пратениците, членови на Буџетскиот совет, го изразија задоволството од проектот кој  води кон буџетска независност. 

Побараа да се разгледа можноста наместо 75, секој пратеник да добие канцеларија за комуникација со граѓаните и секој пратеник да добие по еден личен советник. За  ова барање, објасни Иванова потребни  се измени во Законот за Собрание.

Буџетскиот совет ги усвои следните Заклучоци:

  1. Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија го разгледа и утврди Предлог-буџетското барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година.
  2. Буџетскиот совет цени дека финансиските средства кои се планирани во Предлог-буџетското барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година се во согласност со реалните потреби на Собранието, а со цел навремено, квалитетно и континуирано извршување на надлежностите на Собранието на Република Македонија. 
  3. Финансиската проекција на средства во Предлог-буџетското барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година е во функција на реализација на целите и приоритетите кои се утврдени во Стратешкиот план на Собранието на Република Македонија за  периодот 2019-2021 година.
  4. Со цел Предлог-буџетското барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година да биде доставено до Министерството за финансии во законски утврдениот рок, Буџетскиот совет го овластува Секторот за финансиски прашања во Собранието на Република Македонија да ги имплементира промените од кои во  меѓувреме може да се укаже потреба.
  5. Овие заклучоци на Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија да се достават до претседателот на Собранието на Република Македонија, Министерството за финансии, генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и Секторот за финансиски прашања во  Собранието на Република Македонија. 
Click