Активности

Четврток, 13 декември 2018 година

Буџетскиот совет со едногласна поддршка на Предлог-буџетот за 2019 во делот за Собранието

Буџетскиот совет го разгледа и даде едногласна поддршка на Предлог-буџетот за 2019 година, кој се однесува  на Собранието на Република Македонија. 

Заменик-министерката за финансии, Ширете Елези, посочи дека клучни приоритети со овој буџет се обезбедување подобар живот, повисок стандард, поддршка на домашната економија, забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти, владеење на правото и интензивирани процеси за зачленување во ЕУ и НАТО.

Во Предлог-буџетот се предвидени 587 милиони и 199 илјади денари за функционирање на законодавниот дом, од што 579 милиони и 699 илјади се буџетски средства, а 7 милиони и 500 илјади денари се донации. Средствата се планирани за реализација на следните потпрограми: Собрание, контакт со граѓани, собраниска зграда, Собраниски канал и Парламентарен институт.

Генералната секретарка Цветанка Иванова се заблагодари за соработката со Министерството за финансии, бидејќи за прв пат предлог-буџетско барање од Собранието е без проблем прифатено. Со ова, Собранието започнува да ја добива улогата којашто треба да ја има. Прифатен е амандман изготвен од пратеници за обезбедување средства за неопходните реформи во ИТ-системот, мрежното поврзување, Собранискиот канал и системот за гласање. Собранието непречено ќе ги спроведува стратешките цели, а тоа е функционална парламентарна демократија и јакнење на надзорната улога. Обезбедени се средства за функционирање на 75 канцеларии за контакти на пратениците со граѓаните и софтвер за пријавување на граѓаните за активно учество во законодавниот процес. Предвидени се и средства за административни реформи во службите и за самостојно физичко обезбедување на Собранието. 

Пратеничката Владанка Авировиќ предложи да се предвидат дополнителни средства  за надградба на дел од техниката, а Соња Мираковска се заложи сите 120 пратеници да имаат по еден асистент, а во иднина и по два.

Претседателката на Буџетскиот совет и потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, рече дека конструктивните предлози ќе бидат земени предвид за следниот буџет, а стратешка цел е функционално Собрание. За таа цел неопходно е зголемување на средства за надзорната функција. Ташевска-Ременски ја посочи и се заблагодари за интересот и поддршката на Швајцарската конфедерација и НДИ. 

Буџетскиот совет врз основа на расправата едногласно ги усвои следните Заклучоци:

1. Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија го разгледа Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2019 година за Раздел 02001 Собрание на Република Македонија.

2. Буџетскиот совет констатира дека средствата кои се планирани  во Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, во Разделот 02001 Собрание на Република Македонија се во согласност со средствата кои се утврдени во Предлогот на буџетското  барање на Собранието на Република Македонија за 2019 година, кое Буџетскиот совет го усвои и достави до Министерството за финансии.

3. Буџетскиот совет го поддржува Амандманот на Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2019 година на Раздел 02001 Собрание на Република Македонија, поднесен од пратениците Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски, Весел Мемеди, Томислав Тунтев и Ејуп Аљими под архивски број 08-6613/7  кој  беше прифатен од министерот за финансии и усвоен од членовите на Комисијата за финансирање и буџет.  Со Амандманот се предлага да се пренаменат средства во износ од 15.094.000 денари во рамки на самиот Раздел, а со цел  да се обезбедат потребните средства  за купување на опрема и машини за Собранискиот канал. 

4. Со средствата кои се планирани во Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2019 година во Разделот на  Собранието на Република Македонија  ќе се реализираат целите и приоритетите на Собранието во 2019 година кои се утврдени во Стратешкиот план на Собранието на Република Македонија за периодот 2019-2021 година.

5. Овие заклучоци да се достават до претседателот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за финансирање и буџет,  генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и до Министерството за финансии. 

Click