Активности

Четврток, 22 март 2018 година

БУГАРИЈА Е ПРИЈАТЕЛ И ПОДДРЖУВАЧ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Делегацијата од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија, предводена од потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, во рамките на официјалната посета на Република Бугарија, денеска оствари средба со претседателката на Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева. Во Делегацијата се и потпретседателот на Собранието, г. Горан Мисовски и членовите г. Илија Николовски, г. Реџаиљ Исмаили и г. Реџеп Мемеди.

Пренесувајќи искрени поздрави од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, г-ѓата Ременски се заблагодари на претседателката Карајанчева за реализацијата на оваа посета во еден клучен момент од историјата на односите меѓу двете држави и изрази надеж дека поканата упатена за посета на Република Македонија ќе може да се реализира по завршувањето на бугарското претседателство со Советот на Европската унија. 

Потпретседателката Ременски се заблагодари за едногласната поддршка на Народното собрание на Република Бугарија на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија, како чин на преточување на декларативните заложби во конкретни активности од заемен интерес и начин за градење нови мостови на пријателство и соработка на сите нивоа меѓу двете држави. Актуелната Влада и Собранието на Република Македонија започнаа суштествени процеси кои се во интерес на државата и нејзината политичка и регионална стабилност, се со цел земјата храбро да исчекори кон нејзиниот пат за полноправно членство во НАТО и Европската унија, истакна Ременски. Спроведувањето на Планот 3-6-9 и подобрувањето на односите со соседите, вклучително и со Република Грција, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со името со зачувување на идентитетот, се актуелните приоритети на кои посветено се работи, со надеж дека земјата ќе добие безусловна препорака за отпочнување на преговорите со Европската унија. Потпретседателката Ременски побара поддршка од Република Бугарија и споделување одблиску на нејзините европски искуства и практики со Собранието на Република Македонија.

Претседателката Карајанчева се заблагодари за брзата ратификација на Договорот во Собранието на Република Македонија, со кој реално се отвораат порцесите и се обезбедуваат повеќе можности за плодна соработка меѓу двата парламента во периодот што следи. Таа се заблагодари за искажаната доверба за поддршка и соработка и со задоволство го понуди искуството, особено во деловничкото работење на Народното собрание, но и побара поблиска соработка на парламентарните комисии за прашања поврзани со евроинтеграциите. Република Бугарија и актуелното претседателство со Советот на ЕУ имајќи го во клучните приоритети интегрирањето на регионот на Западен Балкан во ЕУ, внесува и лична инвестиција и волја за помош при исполнувањето на неопходните реформи. На тој пат, Република Македонија може да смета на Република Бугарија како нејзин искрен пријател и поддржувач.

Присутните беа согласни дека по 11 годишниот застој во билатералните односи меѓу Групите за пријателство и соработка, активностите треба да бележат на интензитет и да се динамизираат во иднина.     

Click