Активности

Петок, 6 декември 2019 година

Четириесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на вчерашната 40. седница, како матично работно тело, ги разгледа: 

  • Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2020 година; 
  • Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2020 година.

Во однос на Предлог-финансискиот план, воведно образложение по Извештајот даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.Тој истакна дека за 2020 година се предвидува вкупниот Буџет на Регулаторната комисија да изнесува околу 86 милиони денари, што претставува зголемување од 3,52% во споредба со 2019 година. Во делот за плати и надоместоци од плати, расходите се зголемуваат за 3,64% во споредба со 2019 година.

Понатаму, Бислимоски рече дека нема голем број нови вработувања, дека соодветно забелешките, треба да се вработи овластен ревизор, а има забелешка и за несоодветна застапеност на останатите заедници кои живеат во земјава. Покрај воведеното регулирање на цените на водните услуги, во наредниот период се предвидува Комисијата да ги регулира и цените за комунален отпад.

Во текот на годинава, Регулаторната комисија има донесено над 30 подзаконски акти со кои се имплементирани обврските коишто произлегуват од Третиот енергетски пакет, за што од страна на Енергетската заедница е добиено признание како најдобро регулаторно тело од земјите членки на истата. Со подзаконските акти се овозможи намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5% поради воведување на евтината тарифа.

Во претресот учествуваа пратениците Благоја Деспотоски, Лилјана Кузмановска и Реџаиљ Исмаили.

Врз основа на расправата, Комисијата со шест гласа „за“ и еден „против“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2020 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија да се достават до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

Во образложението на втората точка, односно Предлог-одлуката, Бислимоски истакна дека процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2020 година е проектиран да изнесува 0,0460% од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетска дејност и од странските друштва кои вршат енергетска дејност во земјава и 0,0460% од годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давањето на водни услуги.

Комисијата со седум гласа „за“ заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Одлуката.

Click