Активности

Петок, 31 август 2018 година

Четиринаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 14. седница, како матично работно тело во скратена постапка го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основање на агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, предложен од пратениците Реџаиљ Исмаили и Татјана Прентовиќ.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше Благе Цветковиќ, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на законот поднесен е еден амандман на член 2 од пратеникот Татјана Прентовиќ, кон кој се приклучија и пратениците Мира Стојчевска и Диме Велковски.

Комисијата гo разгледа и претресе амандманот и со 5 гласа „за“ и 2 „против“ го усвои истиот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Димитар Стевананџија, Никола Мицевски и Жаклина Пешевска, кои посочија дека за опозицијата предложеното законско решение е неприфатливо и повлекува финансиски импликации, дека од една страна Владата се залага за намалување на јавната администрација, а од друга креира нови работни места во администрацијата. Тие укажаа дека подобро би било предвидените пари за воведување на заменик-директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, да се пренасочат кон земјоделците за откуп на земјоделските производи или други мерки во нивна корист.

По расправата, Комисијата го проследи Предлог-законот на натамошна постапка во Собранието. 

Click