Активности

Петок, 17 мај 2019 година

Данска ги цени напорите, напредокот и реформите на државата кон ЕУ и НАТО

Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Данска денеска оствари средба со делегација од Данскиот парламент, предводена од меѓународниот секретар Кенет Финсен.

Од македонска страна беа присутни членовите: Ивана Туфегџиќ, Агим Шаќири, Крсто Јовановски, Теута Биљали, Димитар Стевананџија и Мери Лазарова.

Претседавачката на Групата за соработка, Ивана Туфегџиќ, изрази задоволство од средбата во еден важен период за земјата во исчекување на датум за почеток на преговорите со Европската Унија и отворање на поглавјата за нашата земја.

Во однос на билатералната соработка со Кралството Данска, таа посочи дека негуваме одлични односи и повика на продлабочување на таа соработка, но и во други области како што се економијата, младинските политики и животната средина.

Меѓународниот секретар Финсен, следејќи ги случувањата во земјата, истакна дека ги цени напорите, напредокот и реформите кои државата ги направила за приближување кон ЕУ и НАТО-алијансата.

Воедно, данските претставници изразија интерес за развојот на процесот за пристапување кон НАТО, кој е отпочнат со ратификација во неколку земји членки на Алијансата, којшто се очекува да биде финализиран до крајот на годината. 

Исто така, соговорниците разменија мислења и за очекувањата на жителите во подалечните и руралните средини од пристапувањето кон ЕУ, какви се и дали има побарување на странски инвестиции во државата од аспект на предизвиците и можности со кои се соочуваат. 

Претставниците на власта и опозицијата со спротивставени ставови во однос на спроведувањето на реформите во правосудството, економските инвестиции - опозицијата на став дека странски инвестиции нема, додека позицијата смета дека се подобрени условите за инвестирање во слободните економски зони, преку подобрување на железничката инфраструктура и Коридорот 8.

На прашањето дали има групи кои се двоумат или се против членството во ЕУ и НАТО, во македонското собрание и надвор од него, беше истакнато дека и кај власта и опозицијата владее национален консензус во Парламентот, но има мали вонпарламентарни политички партии опоненти на членството во ЕУ и НАТО.

Присутните се согласија дека реформите се на барање на граѓаните на нашата земја, без оглед на евроатлантската перспектива.

Click