Активности

Вторник, 20 ноември 2018 година

ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВИЕНА

На дводневната Конференција на Комисиите за европски прашања, која на 18-20 ноември се одржува во Виена, учествува и Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав: Шпреса Хадри, Лидија Тасевска и Владанка Авировиќ.

Во рамките на дебатата за реализацијата на приоритетите на австриското претседателство со Советот на Европската Унија, за што воведни обраќања имаа претседателот на Австрискиот национален совет, Соботка и претседателот на австрискиот Федерален совет, Пош-Грушка, свое излагање имаше и шефот на Делегацијата, Шпреса Хадри, која се заблагодари за австриската поддршка за понатамошното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. 

Говорејќи за нашата посветеност на евроинтегративните процеси, Хадри рече дека ја докажавме преку консензуалното исполнување на сите приоритетни реформи, заокружувањето на нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор, Добрососедскиот договор со Република Бугарија, Договорот за спорот со името со Република Грција и неговата ратификација во Собранието. Притоа, истакна дека во овој историски момент за земјата, потребно е заедно со опозицијата да се сработи она што е неопходно за иднината на земјата.

На Конференцијата, имаше богата расправа и за прашањето за Брегзит, климатските политики и енергетската заедница, како и за потребата од поголема транспарентност на Европската Унија и нејзиното приближување кон граѓаните во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент.

Click