Активности

Четврток, 9 ноември 2017 година

Деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната Деветтата седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за јавни набавки (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде министерот за финансии, г. Драган Тевдовски. 

Тој истакна дека со измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија” бр.148/13), се воведе Совет за јавни набавки кој започна да работи на барањата за добивање согласност од 1 мај 2014 година. Во изминатиот период од формирањето на истиот извршени се повеќе анализи на ефектите од неговото постоење и може да се констатира дека работењето на Советот главно негативно влијае врз ефикасноста и економичноста на системот на јавните набавки, најчесто со пролонгирање на подготовката и зголемување на трошоците во постапките за јавна набавка (поради плаќање на надоместоци во процесот на добивање согласност), како и со субјективност во одлучувањето. Советот не успеа да ги оствари првичните цели поради кои беше воспоставен, односно неговите одлуки не доведоа до значително зголемување на  конкуренцијата во постапките за доделување на договори за јавни набавки бидејќи нема значително зголемување на просечниот број на поднесени понуди. Насоките кои ги дава Советот ги принудува договорните органи во тендерските документации елементите за квалитет да ги сведат на минимум, иако постои ризик од несоодветно дефинирање на квалитетот преку техничките спецификации.

Воедно, договорните органи во тендерските документации сè почесто не поставуваат речиси никакви услови за утврдување на способност на економските оператори, со цел да ја избегнат обврската за барање на согласност од Советот. На овој начин, договорните органи преку спроведените набавки добиваат стоки со послаб квалитет поради што се соочуваат со проблеми во редовното работење и дополнителни трошоци за одржување, а воедно економските оператори чии стоки и услуги се со меѓународно признат квалитет се ставаат во неповолна позиција, односно се уништува реалната конкуренција на квалитетни производи и решенија. Задолжителното користење на најниската цена како критериум за доделување на договорот во комбинација со обврската за барање на согласност од Советот, ја намалува реалната конкуренција на квалитетни понудувачи и понуди, што директно влијае на квалитетот на стоките и услугите што ги набавуваат договорните органи како и врз квалитетот на услугите кои од јавниот сектор ги добиваат граѓаните на Република Македонија. На тој начин се загрозува остварувањето на начелото на рационално и ефикасно искористување на јавните средства, односно остварувањето на „најдобра вредност за парите”.

Со предложените измени се решаваат бројни предизвици во примена на одредбите што се однесуваат на ангажирањето на надворешни стручни лица кои главно се фокусираат на несоодветна стручност на лицата кои имаат добиено најголем број предмети, ризици поврзани со распределбата на предметите, несуштински забелешки во однос на предметот за кој се бара мислење и слично.  

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.  

Во претресот учествуваа пратениците: г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Драган Цуклев, г. Васко Ковачевски и г. Крсто Мукоски.

На крајот од расправата, Комисијата го проследи Предлогот на закон за изменување на Законот за јавни набавки на натамошна постапка во Собранието. 





Click