Активности

Четврток, 20 септември 2018 година 

Дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики

„Премостување на празнината“ е насловот на младинската конференција која  денеска и утре се одржува во Собранието на Република Македонија, со дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан.

Во поздравното обраќање, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, ја оцени Конференцијата како пригода за конструктивни идеи, решенија и методологии како да се воспостави вистински дијалог и да се постигнеме поголема инклузивност на младите во креирањето на соодветни политики кои потоа ќе се имплементираат преку законодавниот процес.

Копретседавачите на конференцијата: Ивана Туфегџиќ, пратеник во Собранието на Република Македонија и Фабио Масимо Касталдо, потпретседател на Европскиот парламент и шеф на програмата на млади политички лидери, дадоа вовед во премостувањето на празнината меѓу младите и политиката.

Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан од Директоратот за соседство и преговори за проширување, најави повеќе стручно-образовни пилот програми за младите и упати апел до младите да излезат на референдумот и да гласаат за својата иднина.

Во својот инспиративен говор, претседателот на Европскиот младински форум, Луис Алвардо Мартинез, ги истакна придобивките од вклученоста во големото европско семејство и можноста младите од оваа земја да ја заокружат успешната приказна за соработката на Македонија со ЕУ и НАТО. На Европа ѝ е потребен талентот, страста, идеализмот на младите луѓе од Македонија, тие во своите раце ги имаат клучевите за просперитетна иднина. Време е оваа земја да влезе онаму каде припаѓа, заклучи Мартинез. Тој ја потенцираше неопходноста од формирање национален совет на младите, како исклучително важен за вклучување на младите во политиката.

Во фокусот на своето обраќање, Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија, ја имаше перспективата на младите од Регионот. Потребни ни се рефлектори од иницијативи, младинска мобилност и учење едни од и за други, зашто колку е подобар Регионот, толку ќе биде подобра и нашата држава. Да ја овозможиме перспективата која ја заслужуваме, на 1 октомври да бидеме чекор поблизу до сонот дека еден ден младите од Регионот ќе бидат сојузници, ќе пишуваат заедничка историја, рамо до рамо во ЕУ, рече Малески.

Генералниот секретар на Регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан - РИКО, Ѓуро Блануса, зборуваше за премостување на јазот меѓу политиката и младите, но и меѓу младите и институциите, односно враќање на довербата. Не можеме да ги формираме политиките за младите без младите - е главната порака на РИКО.

Копретседавачот Касталдо ги промовира денешните дискусии по работилници за учеството на младите во политиката; вработеноста кај младите, раст и одлив на мозоци; лажни вести и дезинформации; помирување и наследство од минатото.  

Click