Активности

Четврток, 14 ноември 2019 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на вчерашната 27. Седница, како матично работно тело во скратена постапка го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, поднесен од пратениците: Татјана Прентовиќ, Панчо Минов, Мира Стојчевска, Далибор Богдановски, Реџаиљ Исмаили, Реџеп Мемеди, Мирослав Јовановиќ и Ристе Ташев.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот. 

Претставникот на предлагачите на Предлогот на законот, пратеникот Панчо Минов ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусија по Предлогот на законот учествуваа пратениците: Љупчо Димовски, Мира Стојчевска и Татјана Прентовиќ.

Пратеникот Љупчо Димовски смета дека е добро да се разговара отворено на овие актуелни теми од сферата на земјоделството се со цел нивно подобрување.. Пратеникот ги истакна три предложени мерки во Предлогот на законот:

  • Со првата мерка се предвидува дополнителна поддршка за земјоделските стопанства, каде носителот на поддршката би требало да биде лице на возраст до 40 години и каде се предвидени 1,2 милиони денари за инвестирање во земјоделските стопанства;
  • Втората предложена мерка се однесува на членот 2 од измените и дополнувањата, а се однесува на членот 71 став 1 алинеја 2, за конверзија на деградирани шуми, шикари и опожарени шуми;
  • Третата предложена мерка се однесува на одобрувањето на средствата во висина од 30% од предвидената инвестиција која земјоделците би ја враќале во рок од 8 години по реализација на инвестицијата. Со оваа мерка се помага на земјоделците во можноста за користење на ИПАРД програмата. 

На крајот од својата дискусија пратеникот истакна дека се сомнева во реализација на овие мерки, но сепак посакува тие да успеат.

Пратеничката Мира Стојчевска изразуви задоволство дека после долго време на седницата се разговара и за шумарството. Таа даде објаснување за проблемите во шумарството истакнувајќи ја состојбата на шумите во земјата како и објаснувајќи ја сечата на високите, опожарените шуми итн. 

Додека пратеничката Татјана Прентовиќ даде краток генерален осврт на тоа што точно се очекува да се постигне со мерките предложени за измена на Законот кои претставуваат потреба на потсекторски земјоделски здруженија. 

Измените генерално се однесуваат на подмладување на замјоделците или мотивирање на младите луѓе да се занимаваат со оваа стопанска гранка и поттикнување со зголемено финансирање на земјоделските стопанства од 10 на 20 илјади евра и поттикнување на развојот на преработувачката индустрија. 

По расправата, Комисијата го проследи Предлогот на законот на натамошна постапка во Собранието. 

Click