Активности

Понеделник, 16 јули 2018 година  

Дваесет и трета седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија 

Комисијата за транспорт, врски и екологија  на Собранието на Република Македонија, на денешната 23. седница, како матично работно тело, го разгледа Финансискиот план за измена на Финансискиот план на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија, присуствуваше заменик-претседателот на Програмскиот совет, Ведат Мемедалија, кој го образложи Финансискиот план за измена Финансискиот план на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година.

Во дискусијата учествуваа пратениците: Невенка Стаменковска, Костадин Ацевски, Диме Велковски и Слаѓана Митовска.

Заменикот-членката на Комисијата, Невенка Стаменковска, во својата дискусија побара во иднина да не се прават вакви измени во Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија.

Членовите на Комисијата, Костадин Ацевски и Диме Велковски, ѝ укажаа на пратеничката Стаменковска дека станува збор за усогласување на средства кои МРТ ги има, односно тоа е износ кој МРТ го добива од Министерството за информатичко општество и администрација во 2018 година, и тоа се 74% од вкупната сума.

Членката на Комисијата, Слаѓана Митовска, во дискусијата побара во иднина да се работи плански во Македонската радио-телевизија за да не се прават вакви измени на финансиски план, односно добро да се читаат сите материјали за да не се преправаат подоцна.

Во тој контекст, членовите Ацевски и Велковски посочија дека навистина е потребно добро да се читаат материјалите, а во конкретниот случај, ништо ниту се додава, ниту се одзема, и тоа се само предвидени средства.

Комисијата едногласно му предложи на Собранието на Република Македонија да донесе Одлуката за одобрување на Финансискиот план за измена на Финансискиот план на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година.

Click