Активности

Вторник, 23 јули 2019 година

Дваесет и втора седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Северна Македонија, на 22. седница, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Северна Македонија, присуствуваше Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусија по Предлог-законот учествуваше пратеникот Љупчо Димовски, кој го поддржа предложеното законско решение. Притоа, истакна дека предложените законски измени се побарани од страна на Европската Унија заради усогласување со новите правила на управување и спроведување на финансиски средства од ИПАРД 2, а сето тоа оди во прилог на земјоделците.

Како позитивни решенија беа истакнати одредбите со кои се предвидува да се одбие земјоделецот апликант за финансиски средства, но само доколку земјоделецот по претходните упатувања за отстранување на недостатоците во документацијата истите не ги отстранил, како и одредбите  со кои се предвидува за мали прекршоци да не се одбие апликантот, туку се предвидува начин на намалување на финансиската поддршка во случај на повреда на договорените обврски од помал обем.

Беше посочено дека позитивно е усогласувањето со Секторската спогодба меѓу Владата и Европската комисија, како и усогласувањето на износите на глобите за правни и физички лица со Законот за прекршоци.

Комисијата со 7 гласа „за“ го усвои следниот заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенцијата  за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (прво читање) и оцени дека Предлогот на  законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click