Активности

Вторник, 10 април 2018 година

Дванаесетта седница на Комисијата за култура

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, на денешната 12. седница, како матично работно тело, ја разгледа Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија.

Претседателката на Комисијата за култура, г-ѓа Ирена Стефоска, истакна дека на јавната расправа организирана од Комисијата за култура, стручната јавност имаше можност да ги изнесе своите коментари, забелешки, предлози и сугестии во однос на Националната стратегија, пред таа конечно да биде усвоена во Собранието на Република Македонија.

Врз основа на дел од изнесените коментари, членовите на Комисијата за култура и други заинтересирани пратеници поднесоа вкупно девет амандмани, со цел текстот на предложената Национална стратегија да се усогласи со барањата и потребите во културниот сектор на Република Македонија, а во најдобар интерес на носителите на дејноста во културата. Госпоѓа Стефоска напомена дека останатите забелешки изнесени на јавната расправа ќе бидат земени предвид во понатамошната работа на Комисијата за култура, при најавениот процес на ревизија на одделни закони во конкретните дејности во културата.

Министерот за култура, г. Роберт Алаѓозовски, се произнесе дека поднесените амандмани се прифатливи за Министерството за култура.

Комисијата за култура едногласно ги усвои предложените амандмани, со што станаа составен дел од Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија.

Click