Активности

Среда, 4 декември 2019 година

Економијата и безбедноста се битен фактор за странските инвестиции

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец; претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Емил Димитриев; членот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Трајчо Димков и пратеникот Панчо Минов, денеска во Собранието остварија средба со Романска делегација, предводена од Јоан-Кристијан Киртеш, претседател на Групата за пријателство со Република Северна Македонија во Парламентот на Романија; Мариана Венера-Попеску, пратеничка и Габриел Ницола, ополномоштен министер во Амбасадата на Романија во земјава.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Локвенец, изрази исклучително задоволство од средбата, односите со Романија ги карактеризираше како пријателски, а народите како братски. Непосредно по враќањето од Самитот на НАТО во Лондон, во дискусијата отвори три значајни прашања и тоа од областа на одбраната и безбедноста, очекуваната помош од Романскиот парламент и искуства поврзани со македонското членство во ЕУ, како и продлабочување на парламентарната соработка помеѓу двата братски народи.

Воедно, упати благодарност до Романија за брзата ратификација на Протоколот за зачленување во НАТО.

Сенаторот Јоан-Кристијан Киртеш, се осврна на три компоненти: странските инвестиции, модернизација на евроатлантската војска и наменската индустрија, како важни фактори од членувањето во НАТО алијансата.

Нашата земја е поамбициозна во однос на придобивките од НАТО, освен странските инвестиции за нас се многу важни и домашните македонски производи - посочи Локвенец.

Димитриев истакна дека бројната македонска заедница е лојална и активна во општественото делување на Романија, исто така дека меѓу двете земји нема билатерални проблеми и лесно е да се разговара во ваков состав.

Соговорниците се согласија дека она што е заедничко и ги поврзува опозицијата и позицијата, се интеграциите во НАТО и ЕУ, кои не зависат само од промената на името, туку и од спроведувањето на реформите, владеење на демократијата и сѐ она што го чини нашето општество еднакво со романското, односно европското.

Трајчо Димков, пак, зборуваше за реформите во  безбедносниот сектор изминативе години, формирањето на Агенцијата за национална безбедност, како и понатамошните промени кои ќе треба да следат во однос на нејзина професионализација.

Присутните беа согласни дека темата за одбраната и безбедноста е сензитивен сегмент и во земјите членки на Унијата. 

Click