Активности

Среда, 28 ноември 2018 година

Енергијата е она што ќе ги поврзе сите земји заради заедништво

Парламентарниот  пленум на Енергетска заедница во Собранието на Република Македонија одржа заеднички состанок со членовите на Парламентарното собрание на Медитеранот, во пресрет на утрешниот 16. Министерски совет на Енергетската заедница, каде Македонија е актуелен претседавач.

Претседавачот Хари Локвенец во своето воведно обраќање посочи дека му претставува особено задоволство фактот што овој состанок e посветен на користењето на обновливата енергија во земјите членки на Енергетската заедница, тема на која што верува дека во иднина ќе ѝ се посветува сѐ поголемо внимание.

Тој ја истакна важноста на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница во промовирањето на потребата од поголемо користење на обновливите извори на енергија и на пратениците кои позитивните мерки може да ги преточат во законски решенија и во контактите со бизнисмените и граѓаните за да ја поттикнат нивната свест, а состаноците се извонредна можност за размена на мислења и идеи за разни области во енергетскиот сектор.

Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, се осврна на законските аспекти и имплементацијата на новиот Закон за енергетика.

Владата е исклучителен поддржувач на обновливите извори на енергија, со стимулативни мерки за поттикнување на нивната поголема примена, преку разни форми на грантови и средства од разни фондови, како и подигнување на свеста кај бизнис-секторот и граѓаните за позитивните ефекти. Поддршката на Владата е во форма на премија од државниот буџет. 

Крешник Бектеши, министер за економија на Република Македонија, го истакна изготвениот водич за генералните политики за целите до 2030 година за енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и намалувањето на загадувањето, кој ќе биде усвоен утре на 16. Министерски совет.

Претседавачот Локвенец даде кратка презентација на Заедничкиот извештај за јакнење и унапредување на обновливите извори на енергија, изготвен од Енергетската заедница, по што следеше дебата, на која земаа учество преставниците од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, додека гласањето ќе биде на следниот состанок на 19 февруари во Брисел.

Во Извештајот е нотиранo:

  • Напредок од страна на договорните страни на Енергетската заедница во постигнување на поставените цели за учеството на обновливите извори во вкупното производство на енергија, но потребна е понатамошна промоција;
  • Целта е да се придонесе за намалување на енергетската увозна зависност на земјите, намалување на енергетската сиромаштија, зголемување на сигурноста во снабдувањето со енергија на потрошувачите, постигнување на економски раст;
  • Огромниот  потенцијал на обновливите извори на енергија не е доволно искористен во делот на креирање на нови работни места, за намалување на стапката на невработеност, проблем со којшто се соочуваат договорните страни на Енергетската заедница;
  • Пратениците и парламентите да придонесат преку имплементација на европското законодавство за обновливи извори во националните законодавства, отстранување на административните бариери и јасни законски решенија и процедури;
  • Препорака е договорните страни на Енергетската заедница да посветат внимание на целосна имплементација на Директивата 2009/28 на Европската комисија, бидејќи земјите тука бележат најслаби резултати.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, извести дека Деловникот на Пленумот ќе биде усвоен утре на Министерскиот совет, од страна на министрите, а не од страна на европратениците.

На заедничка сесија со членовите на Парламентарното собрание на Медитеранот, фокус беше ставен на законодавството за обновливите извори на енергија.

На оваа тема свое обраќање имаше заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Мекедонија, Агим Шаќири, кој информираше за новиот Закон за енергетика, со кој ќе се овозможи стимулирање на употребата на обновливи извори на енергија.

Шефот на Делегацијата на Парламентарното собрание на Медитеранот, Антониос Беломенакис, го потенцираше фундаменталното значење на соработката со меѓународните организации. Исто така, тој упати апел до учесниците на Пленумот да се разгледа можноста за меморандум за разбирање, со што ќе се воспостави една постојана интеракција, во интерес на двете страни.

Во дебатата, своите искуства ги споделија пратеници од Тунис, Турција и Италија, а пратеничката Лилјана Поповска од зелената партија ДОМ покажа интерес за најновите трендови во врска со обновливите извори на енергија.

Беше кажано дека иако доаѓаме од различни земји и култури, нашата иднина и потреба од електрична енергија е иста секаде и токму затоа е неопходно меѓугранично и меѓуинституционално обединување. Имајќи ја предвид важноста на законската рамка и транспарентните закони, тие мора да бидат усогласени на регионално, меѓународно и континентално ниво. 

Фрапантен е податокот дека 18% од светското население е без струја, затоа е потребна една мрежа во која сите што имаат вишок електрична енергија ќе можат да ја пренесат на други. Како глобални предизвици, струјата и климатските промени, мора да се решаваат глобално.

Обновливите извори на енергија не се повеќе научна фантазија, туку реалност. Стануваат евтини, стануваат бизнис и за три до пет години ќе доведат до уште поголема заштеда. Благодет за Регионот би претставувал преминот од субвенции за фосилни горива во субвенции за различни видови обновливи извори на енергија, истакна во завршните забелешки директорот Копач.

Заклучно - енергијата е она нешто кое сите земји, не само во Европа, туку и во светот, ќе ги поврзе заради заедништво.





Click