Активности

Среда, 30 јануари 2019 година

ЕП: Референдумот во Македонија и Брегзитот покажаа дека лажните вести и дезинформациите се најголеми непријатели на европската кохезија

Дезинформациите и лажните вести се најголемите непријатели на европската кохезија. Тоа се покажа со Брегзитот и со Референдумот во Македонија минатата година. Европскиот парламент е заеднички дом на сите Европејци без разлика на пасошите, рече потпретседателот на Европскиот Парламент, Рамон Луис Валкарсел Сисо, на конференцијата: „Комуникација со граѓаните - како да се развие најдобра стратегија од Парламентот“, која се одржа во Брисел. Тој побара здружување на силите бидејќи европските институции и ЕУ напорно работат за подобрување на животот, даваат можности за младите и за претприемништвото. 

Европратеникот Едвард Кукан се заложи за зголемување на комуникацијата со граѓаните за развој на парламентарната демократија и јакнење на довербата во ЕП. Учесници на конференцијата беа и пратениците Павле Богоевски, Иван Иванов, Агим Шаќири и Зекир Рамчиловиќ.

Европратеникот и поранешен новинар Стелиос Кулоглу им честиташе на пратениците за изгласаната спогодба помеѓу двете соседни држави Северна Република Македонија и Република Грција. Укажа на негативните ефекти од лажните вести и дезинформации и националистичката пропаганда во неговата земја, за обвинувањата од дел од медиумите кои поддржувачите на Преспанскиот договор ги нарекувале предавници. Двајцата премиери Заев и Ципрас, рече, ја заслужуваат Нобеловата награда за мир. Мора да се работи на јакнење на капацитетот на јавните сервиси како брана од лажните вести и едуцирана и информирана јавност.

Пратеникот Павле Богоевски смета дека покрај стратешкото и проактивно дејствување на полето на подигнување на јавната свест, институциите треба да воспостават и механизми за брзо пренесување на информации и факти чија цел ќе биде справување со одделни кампањи и случаи на ширење на лаги и манипулации во медиумскиот простор и во јавноста. Истовремено, мерките на справување со феноменот на лажните вести не смеат да ја ограничат уставно гарантираната слобода на изразување. Праша што доколку извор на лажна вест е земја членка на ЕУ и укажа дека една таква земја му даде азил на поранешниот премиер Никола Груевски. Тие, правдајќи ја својата одлука, ширеа лаги  и дезинформации со кои намерно го делегитимираат нашиот судски систем. Кулоглу одговори дека Орбан ги погазил и сите одлуки за мигрантите.

Лажните вести се феномен кој не само што нема да може да се сузбие, туку, напротив, мисли пратеникот Иван Иванов, дека ќе земаат се поголем замав. Тие се базираат најчесто на сензационализам, брзо се шират благодарение на напредокот на техниката преку социјалните мрежи и тешко се демантираат. За една иста вест, рече, повеќе медиуми во Македонија известија дека со Преспанскиот договор се зацврстува македонскиот идентитет, а во исто време повеќе  грчки медиуми убедуваа дека не е признаена македонската нација. Како граѓаните да знаат што е вистината? За справување со овој феномен потребно е ангажирање на многу чинители од општествениот живот, пред сè образованието и едуцирање на населението преку разни кампањи. Мора да се работи на изградба на механизам кој ќе разграничува што е лажна вест, без притоа да биде доведена во прашање слободата на изразување.

Според пратеникот Агим Шаќири, лажните вести се светски феномен за кој е потребна поголема активност и вклученост на јавноста за стекнување на знаење и препознавање на информацијата, издвојување на фактите и идентификација на лажната вест.

Главниот проблем, вели пратеникот Зекир Рамчиловиќ, е што луѓето повеќе веруваат во лажни вести, дезинформации, пред сè со сензационални наслови кои брзо се шират. Веста се појавува ненадејно и последиците врз јавното мислење тешко се санираат потоа. Затоа е неопходно да се направи посеопфатна стратегија која треба да биде насочена кон граѓаните, пред сè кон младите, на пример преку образованието, за да граѓаните можат и знаат да ги препознаваат вистинските вести и информации. Македонија и Грција, рече, сега гледаат напред, а Македонија очекува целосна поддршка за да не им се остави простор на деструктивните сили доколку Македонија не ги започне преговорите со ЕУ.

Според европратеникот Такис Хаџигеоргиу, главен предизвик е европската десница, поради злоупотреба на популизмот.

Целосно мора да се почитува слободата на медиумската независност, вели Флорент Монтење од Генералниот директорат на Комисијата.  Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија порача да се користи терминот дезинформација, а не терминот лажни вести бидејќи  ако е лажна, тогаш не е вест и се употребува за дискредитирање на критички настроените новинари.

Во месец мај ќе се спроведат изборите за Европскиот парламент. Бројот сега е променет и поради Брегзит ќе се бираат 705 европратеници и голем предизвик ќе биде излезноста.

Click