Активности

Среда, 22 ноември 2017 година

Евроинтеграциите - заеднички интерес на Македонија и Украина

Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија оствари средба со Пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Македонија на Врховната Рада на Украина, во состав: г. Андриј Шињкович, претседател на Групата и членовите г. Михајло Кобцев и г. Роман Мацола, а во придружба на амбасадорката на Украина во нашата земја, г-ѓа Наталија Задорожњук.

Со средбата претседаваше членката на Комисијата, г-ѓа Емилија Александрова, којашто изрази задоволсто од посетата, оценувајќи ги двете земји како пријателски, со традиционално добри односи, без отворени прашања. Таа ги информираше гостите за приоритетите на Република Македонија – членство во ЕУ и НАТО, добрососедски односи, вклученост во сите меѓународни иницијативи, отвореност кон светот, меѓународната заедница и сите чинители.

Заблагодарувајќи се за приемот, г. Шињковиќ, го оцени како важен сигнал кој ќе биде поттик за продолжување на соработката меѓу Украина и Македонија, дополнително и преку интензивирање на посетите на пратениците од двата парламента. 

Тој информираше дека за 3 години, Украина направила 4 реформи: судска, здравствена, образовна и пензиска, а донеле и 7 еколошки закони. Во таа насока очекува и посакува успех во реализирањето на Планот 3-6-9 во Република Македонија. 

На средбата стана збор и за анексијата на Крим и во тој контекст беше упатена молба до нашата земја да се приклучи кон потпишувањето на меѓународните документи коишто ја осудуваат агресијата врз Украина. Притоа, беше изразена благодарност за јавната поддршка од Република Македонија за територијалниот интегритет на Украина. 

Евроинтеграциите се заедничкиот интерес на двете земји и единствен пат за обезбедување на безбедност, сигурност, заштита на човековите права, инвестиции, подобрување на социјалниот и економскиот статус. 

Продлабочувањето на економската и културната соработка, трговската размена, развивањето на туризмот преку отворање авио-линии, се области кои само дополнително ќе ги приближат граѓаните на двете земји. Во тој контекст, обезбедувањето безвизен режим меѓу двете земји е најблиската перспектива.

Успешната соработка со украинската амбасадорка во Македонија, г-ѓа Наталија Задорожњук и македонскиот амбасадор во Украина, г. Столе Змејкоски, придонесува кон зајакнување на односите меѓу двете земји.

Click