Активности

Понеделник, 17 декември 2018 година

Европратеникот Кулоглу и  Нобеловката Бучамауи на средби со координаторите на пратеничките групи и независната група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата

Европратеникот Стелиос Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бучамауи денеска остварија средби со координаторите на пратенички групи и со независната група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. 

Целта на нивната посета е номинацијата на премиерите Зоран Заев и Алексис Цирпас за Нобелова награда за мир. 

Договорот од Преспа, рече европратеникот Кулоглу, кој доаѓа од Република Грција, е најдобар за вашата и за мојата земја. Европа го поддржува договорот и ја поддржуваат номинацијата за Нобелова награда за двајцата премиери. Тој посочи дека кога целосно ќе се имплементира договорот, тогаш со сигурност ќе биде ратификуван во Грчкиот парламент. Во моментов ова што го прават двете соседни земји, е единствената добра вест што се случува во Европа, посочувајќи ги како лоши вести  обидите за политичка дестабилизација и Орбан. 

Договорот од Преспа, сакаме да биде успешен модел на Балканот и светот за запирање на конфликтите, рече добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бучамауи. Таа изрази надеж дека премиерите Заев и Ципрас ќе бидат добитници на Нобеловата награда за мир, бидејќи покажуваат дека може да се успее со дијалог и разбирање. 

Координаторот на коалицијата предводена од СДСМ, Соња Мираковска, информираше дека од утре започнува третата и финална фаза за уставните промени и имплементација на договорот од Преспа. Двајцата лидери, посочи, направија голем исчекор на Балканот. Пoкажаа како може децениски спорови можат да се решаваат на мирен начин. За нас рече, важно е да бидеме дел од НАТО и ЕУ. 

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ,  посочи дека неговата партија нема доверба во процесот. Успехот е најголем ако ја има поддршката од народот, а тоа овој просец според резултатите од Референдумот  ја нема, компромисите не се симетрични од двете страни. Во Собранието за изгласување на уставните измени, рече, има поддршка и од опозициски пратеници, а поддршката од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде за реформските закони, бидејќи заложба на партијата е членство во ЕУ и НАТО.

Мерал Узаири Ферати од ДПА  истакна дека членството во НАТО и ЕУ ќе значи стабилност и просперитет. Ова е клучен историски момент, но треба да се продолжи да се работи на отворените прашања.

Африм Гаши од БЕСА, како што се претстави Албанец, говореше на македонски јазик во духот на зголемување на разбирањето. Во Македонија има двајца добитници на Нобеловата награда,  тоа се Мајка Тереза и Ферид Мурати и се надева дека Зоран Заев ќе биде третиот добитник.  Посака Заев и Ципрас да го добијат признанието, бидејќи тоа ќе значи охрабрување за другите балкански лидери дека е потребно мирно решавање на проблемите.

Координаторката на независната пратеничка групa на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Елизабета Канческа-Милевска, кажа дека осумте пратеници даваат силна поддршка за уставните измени, бидејќи тоа ќе помогне на патот кон ЕУ и НАТО. Она што е значајно за периодов е и носењето на реформските закони со кои се усогласува македонското со европското законодавство. Неопходно е да се реализира и процесот на помирување. 
За Сашо Василевски, Македонија со уставните измени добива шанса да биде дел од ЕУ и НАТО. Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ и Крсто Мукоски посочија  дека е неопходна помош од Европскиот парламент, не само до завршување на уставните измени, туку и во натамошниот евро-интегративен  процес. 

Осумте пратеници посочија дека се уште чувствуваат притисоци и дека е присутен говорот на омраза, но дека се компактни и ќе истрајат.


Click