Активности

Четврток, 14 септември 2017 година

Формиран Клуб за младински прашања и политики

Во Собранието на Република Македонија е формиран Клуб за младински прашања и политики, по примерот на Европскиот парламент и останатите западноевропски парламенти.

Клубот за младински прашања и политики е неформално тело во Собранието на Република Македонија, составено од членови на сите парламентарни партии чија што цел е остварување на интересите на младите во Република Македонија, во соработка со младинските организации, неформалните младински групи и партиските подмладоци.  

Клубот е поддржан од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, од генералната секретарка Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова и од координаторите на пратеничките групи.

На првата конститутивна седница, претседателот Џафери ја истакна својата поддршка за оваа иницијатива и додаде дека иако ова тело е неформално, ќе биде силна лоби-група преку која младите и младинските организации ќе можат да ги истакнат своите интереси и истите да бидат интерпретирани во Законодавниот дом.

Генералната секретарка Иванова ја поздрави иницијативата и истакна дека ова е историски момент и дека оваа група е основоположник и мост помеѓу законодавниот дом и младите.

На конститутивната седница се обратија и координаторите: Томислав Тунтев, Африм Гаши и Ејуп Алими кои изразија задоволство од формирањето на ова неформално тело.

На седницата беа присутни: Ивана Туфегџиќ, Павле Богоевски, Мери Лазарова, Бетиане Китев, Нола Исмајлоска Старова, Теута Биљали и Агим Шакири.

Клубот ќе работи на принцип на ротација на координатори. 

За прв координатор беше избрана Ивана Туфегџиќ, а за заменик-координатор Нола Исмајлоска Старова.

Click