Активности

Среда, 5 септември 2018 година

Германски предлог за создавање институција правобранител за војска, за контрола на Парламентот над Армијата

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија оствари средба со Рејнхолд Робе, поранешен пратеник во германскиот Бундестаг и поранешен омбудсман во Армијата на Сојузна Република Германија.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, изрази благодарност за посетата, имајќи го предвид придонесот на гостинот во Германскиот парламент и воопшто општествениот живот, како и благодарност за континуираната поддршка и помош од Германија за нашата земја.

Во еден специфичен момент за Република Македонија, во пресрет на посетата на германската канцеларка, референдумот, евроатлантските аспирции и реформските процеси, исклучително се цени можноста да се слушне за така богато експертско искуство. 

Во фокусот на разговорите беше предлогот на поранешниот пратеник Робе за создавање на институцијата правобранител за војска, секако според потребите во нашата земја. Оваа функција постои во Германија уште од 50-тите години, создадена по војната, со цел силна контрола на Парламентот над Армијата. Правобранителот за војска има посебни уставни права, меѓу кои и да смее без најава да врши инспекциски посети на војската и Министерството. Од друга страна, Робе информира дека водејќи се од искуството во минатото, Уставот на Германија дозволува војниците да изразат непослушност за наредби кои сметаат дека се косат со законите.

Во оваа насока, со германска помош, поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт и добиениот консензус од Комисијата за одбрана и безбедност, да се креираат нови легислативи за подобрување на секторот безбедност, во интерес на граѓаните и државата.

Исто така, поранешниот омбудсман Робе предложи создавање посебна Група за пријателство меѓу македонскиот и германскиот парламент, упати покана за посета на Германија до Комисијата за одбрана и безбедност и посака успешен референдум и што поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Click