Активности

Петок, 27 септември 2019 година

Граѓанските организации креатори на партиципативната демократија на секое ниво

Клубот на пратенички во Собранието на Република Северна Македонија во соработка со Националниот демократски институт успешно ја одбележа неделата на женските права и родова рамноправност со завршна средба која ја одржа  со граѓанските организации. Темата на средбата се однесуваше на досегашната соработка и идните предизвици.

Покрај претставниците на граѓанските организации на средбата  присуствуваа и  членки на Клубот на пратенички, генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова и Александра Цветковска, виша програмска менаџерка од НДИ.

Претседателката на Клубот на пратенички, г-ѓа Ѓулумсер Касапи во воведното обраќање  го изрази своето задоволство што средбата се одржува по вчерашната вест  за поддршката од националниот парламент на Германија, Бундестаг со 476 гласа “ЗА”  - за отворањето на пристапните преговори за членство на Република  Северна Македонија  во Европската Унија.  

Истакна дека од нашата земја се бара исполнување на критериумите за членство во ЕУ, но и гаранција за заокружување на реформите. Го нагласи приодот кој Европската комисија го има воведено, а  со кој пристапувањето во ЕУ започнува со поглавјето 23, од каде практично се согледува зрелоста на граѓанското општество кое е индикатор за тоа колку државата е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ. Таа истакна дека граѓанскиот сектор претставува индикатор колку општеството има волја да стане дел од ЕУ.

Касапи ги пофали граѓанските организации кои постојано ја следат работата на институциите и креираат партиципативна демократија на секое ниво, со што се зголемува нивното влијание во процесите на донесување на одлуки со крајна цел за обезбедување на позитивни социјални промени.

Понатамошниот тек на средбата се одвиваше со модерирана дискусија од која произлегоа предлози, забелешки и препораки за натамошно делување.

Во дискусијата земаа учество: Стојан Лешоски од здружението “Еко- свест”; Наташа Здравковска од “Здружение на бизнис жени”;  Ленка Угриновска, претседател на Здружението на жени менаџери ЕЛИT; Пенелопа Гурчилова, проектен координатор од канцеларијата на DCAF; Ѓунер Небиу од “Антико”; претставник од агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; Слаѓана Стаменковска од “Еко Ѕвон”; пратеничките Катерина Кузмановска, Даниела Рангелова и Лилјана Поповска.

На крајот на средбата генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова порача дека завршувањето на неделата на женските права и родова рамноправност не го означува и завршувањето на борбата за истите, и дека треба да се премине на реализација во работата на забелешките од сите настани кои беа во склоп на оваа недела. 

Click