Активности

Четврток, 21 март 2019 година

Груби: Испорачавме повеќе од кој било, ред е на Брисел

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, во врска со денешната промоција за поддршката на Комисијата, преку Компонентата за зајакнување на капацитетот за ЕУ интеграција, во рамките на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, финансиран од Кралството Норвешка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој, истакна дека  таа е во насока на подобрување на нејзиниот институционален  и административен капацитет.

Заблагодарувајќи се на оваа значајна поддршка, Груби информира дека таа ќе отпочне веќе од април и дека доаѓа во вистинско време. Појасни дека станува збор за подобрување на капацитетите на самата Комисија, експертски и технички, како на  пратениците, членовите и замениците, така и на стручната служба. Фокусот на компонентата за поддршка на Комисијата за европски прашања ќе биде обезбедување на помош за имплементација на соодветен план за обуки на Собранието, како и експертска поддршка за унапредување на капацитетите за водење на преговори за пристап во Европската Унија.

Притоа, истакна дека станува збор за значајна помош, бидејјќи за прв пат во историјата на нашето Собрание, една собраниска комисија, преку својата работа и соработка со партнерите и сојузниците во меѓународната заедница, добива директна финансиска и логистичка поддршка, како потврда за својата досегашна улога во градењето на демократските капацитети.

Говорејќи за улогата на Комисијата како активен чинител во евроинтегративните процеси и во пошироки размери за  сработените задачи  на Собранието, укажа дека   нашата држава веќе испорача многу и предничи во целиот регион со испорачаното и дека сега на ред е да испорача и Брисел. Очекуваме и дека пријателите во Европската Унија ќе опстојат на своите зборови и дека ќе покажат одлучност во валоризација на нашите огромни напори, кои се неспоредливи со другите.

Во своето воведно обраќање, Арне Бјорнстад, амбасадор на Кралството Норвешка, посочи дека „Соработката е клучна за пристапување во Европската Унија, бидејќи со членството во ЕУ станувате партнер со многу други држави. Очекувам дека со пристапувањето во ЕУ, ќе се овозможи макроекономски раст во Северна Македонија. Се надевам дека тоа ќе се случи во најскоро време“.

Во следните две години Комисијата за европски прашања ќе соработува со искусни странски и домашни експерти кои веќе подолг период работат на прашања поврзани со процесите на ЕУ интеграции, кои своето искуство и експертиза ќе го пренесат на пратениците и на стручните служби во Собранието.

Амбасадорот на Шведска во Република Северна Македонија, Матс Стефансон, истакна дека членството на Северна Македонија во ЕУ е од огромен интерес и стратешка важност за сите. Со постојани напори за спроведување на реформи, лидерство и инклузивен процес, оваа цел може да стане реалност, а Шведска ќе нѐ поддржи во тој процес, што е и целта на овој проект.

Поддршката на Комисијата за европски прашања е обезбедена преку Кралството Норвешка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој во рамките на проектот Нордиска поддршка за прогрес на Северна Македонија, а обезбедува поширока поддршка на повеќе државни институции во Република Северна Македонија во процесот на пристапните преговори со ЕУ.

На настанот свои дискусии имаа и пратениците: Јагода Шахпаска, Лилјана Поповска, Сашо Василевски и Јулијана Николова, кои заеднички побараа од ЕУ да  ни даде датум за преговори во јуни, како резултат на сработените задачи, во прв ред на  решавањето на спорот со името и во тој контекст измените на Уставот на земјата, како и поради големиот број на донесени рефрмски закони, кои произлегоа од итните реформски приоритети. Во таа насока, беа истакнати законите од областа на правосудството, владеењето на правото, реформите во разузнавачките служби и во јавната администрација и слободата на медиумите.