Активности

Среда, 5 јуни 2019 година

Груби: Сите неопходни реформи се исполнети, очекуваме ЕУ да ги исполни ветувањата

Денеска во Собранието се одржа средба на Комисијата за европски прашања со Делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска, предводена од претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ.

Во воведното обраќање, Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, изрази задоволство од средбата и истакна дека ова е многу важен период за Република Северна Македонија, период во кој очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Тој искажа длабока благодарност кон нашите долгогодишни пријатели, кои постојано нѐ поддржуваат на нашиот евроатлантски пат. Исто така, посочи дека Република Северна Македонија целосно ги има постигнато и исполнето препораките од Европската Унија, што претставува јасен доказ дека ние нашиот дел сме го завршиле.

Воведен говор имаше и претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ, кој изрази особена чест и задоволство од самата средба и истакна дека ги цени напорите, напредокот и реформите кои државата ги направила за приближување кон ЕУ. Во однос на билатералната соработка посочи дека негуваме одлични односи и повика на продлабочување на таа соработка и во други области, како што се младинските политики и економијата.

Пред присутните се обратија пратениците Сашо Василевски од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, пратеничката Јагода Шахпаска од Пратеничката група на СДСМ и пратеничката Магдалена Манаскова од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кои го истакнаа националниот консензус за членството во ЕУ и НАТО.

Хрватските претставници истакнаа дека ги ценат реформите и напредокот на Република Северна Македонија и посочија дека Хрватска беше меѓу првите пет земји членки кои го ратификува Протоколот за наше членство во НАТО.