Активности

Четврток, 19 јули 2018 година

Храната не е луксуз, туку основно човеково право

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија, одржа Јавна расправа на тема: „Храната како основно човеково право“.

Во Универзалната декларација за човекови права, меѓу другото, стои дека секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи ја и храната.

Проблемот е глобален и алармантен, а статистичките податоци се загрижувачки. Според Државниот завод за статистика, 445.099 граѓани на Република Македонија, секојдневно имаат проблем да обезбедат храна и во просек имаат околу еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во нашата земја се фрлаат помеѓу 6.000 и 12.000 тони вишок храна, во вредност од 20 милиони евра, што претставува храна за околу 26.000 граѓани да имаат по три оброци дневно. За информирање, за вишок на храна се сметаат остатоците кои се безбедни да се користат како храна за луѓе и животни.

На светско ниво, една третина од произведената храна или околу 1,3 милијарди тони, завршува во отпад, а Македонија, и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, според бројот на жители, е рангирана на поразителното осмо место. 

Во воведното обраќање, претседателот на Комисијата, Фадил Зендели, истакна дека грижата за категоријата на граѓани кои имаат животна потреба за храна, е обврска на државните институции и на општеството воопшто.

Свои обраќања на темата имаа и заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар; државниот секретар од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Нефрус Челику; директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски; Блаже Јосифовски од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ и експертот Цветанка Кузмановска. Во дискусијата збор зедоа и пратеници и дел од присутните.

Клучните поенти разработени на симулацијата со НДИ, покажуваат дека се работи за неусогласани политики и неодржлив економски модел. Она што треба да се направи е да се формира работна група која ќе даде насоки за законско уредување на системот за донирање храна и да се направи национален акциски план, во кој ќе бидат опфатени четири сегменти: донација, одржлив систем на храна, одржлива економија и организирано управување со ресурсите. Потребно е умрежување и ускладување на даночните политики и во тој контекст да се казнуваат тие кои загадуваат, а да има даночно ослободување на донаторите на храна. Од суштинско значење е поврзаноста на јавните политики, економијата и граѓанските организации кои се занимаваат со донирање на храна. Исто така, од голема важност е подигањето на свеста кај граѓаните, соочување со проблемот, без оправдувања.

Беше информирано дека преку иницијативата #оброк за сите на Фондот за иновации и технолошки развој, сите што сакаат да помогнат понудиле решенија, кои ќе бидат финансирани од Министерството за труд и социјална политика и кои понатака ќе станат системски решенија. Пет од овие предлог-решенија во наредните недели ќе бидат јавно презентирани и ќе бидат избрани најдобрите.

Во дискусијата беше упатен апел дека е потребна акција на сите нивоа во општеството, народните избраници да се залагаат за повисока социјална помош, обезбедување услови и даночно ослободување за оние кои се занимаваат со засегнатата група граѓани, со цел да се подобри нивниот квалитет на живот и да им се врати вербата во подобра иднина, зашто храната не е луксуз, туку основно човеково право.

Click