Активности

Среда, 5 јуни 2019 година

Хрватска останува силен поддржувач во евроинтеграциите на земјата

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за надворешна политика, остварија заедничка средба со хрватска парламентарна делегација, составена од претседателот, потпретседателот и членот на Одборот за европски работи - Домагој Иван Милошевиќ, Домагој Хајдуковиќ и Весна Пусиќ, како и претседателот на Одборот за надворешна политика – Миро Ковач, во придружба на хрватската амбасадорка, Данијела Баришиќ.

Во пријателска атмосфера, присутните имаа можност искрено да дискутираат за предизвиците на ЕУ и НАТО членството. Во тој контекст, хрватската страна понуди отвореност за споделување искуства, соработка и помош, како силен сојузник, партнер и поддржувач.

Едногласно беше констатирано дека нашата земја направи многу болни жртви за зачленување во ЕУ и НАТО, и токму затоа очекува позитивен исход, односно вреднување на напорите со добивање датум за започнување на преговорите со Унијата и завршување на процесот на ратификација на Протоколот за пристап во Алијансата.

Во однос на преговорите со ЕУ, гостите истакнаа дека не зависи сѐ од политичарите, затоа што Унијата е еден комлексен механизам. Политиката има некои свои правила, кои не се најправедни. Најважно во моментот е земјата да добие фиксен датум и да ја има поддршката од јавноста, затоа што со сигурност еден ден ќе биде дел од ЕУ.

Во меѓувреме, реформскиот процес мора да продолжи за земјата да може што поподготвена да влезе во големото европско семејство. Хрватска се залага за целосно интегрирање на Западен Балкан кон ЕУ како една голема шанса за напредок.