Активности

Среда, 25 септември 2019

Интернационалните партнери за зголемување на финансиската писменост на жените

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија денеска оддржа работен состанок со интернационалните партнери на Штедилницата ФУЛМ, по повод нејзиното 20-годишно работење. Состанокот го водеше членот на Комисијата, Мирсада Емини Асани, а на него присуствуваа и пратениците: Mери Лазарова, Дафина Јованоска Стојаноска, Жаклина Пешевска и Благоја Деспотовски. 

На работниот состанок присуствуваат партнери на штедилницата од повеќе земји и тоа: Соединетите Американски Држави, Естонија, Ирска, Романија, Полска, Обединетото Кралство, Романија, Полска, како и од Здружението на граѓани ФУЛМ.

На почетокот на средбата пратеничката Мирсада Емини Асани информираше дека Форумот на жените лидерки е добитник на престижната награда за 2018 година и им честита за нивното успешно работење. Форумот на жени - лидери на ФУЛМ Македонија, е организиран од Здружението на граѓани ФУЛМ, кои години наназад се залагаaт за еднаквите можности на жените и мажите. Тие се дел од Мисијата на Глобалната мрежа, а со тоа нивна цел е да се поттикнат жените да направат значајни разлики во нивниот живот, во животот на членовите на нивната кредитна унија и нивната заедница.

Во рамките на интернационалната мрежа, беше потенцирано, дека жените учат и имаат можност да напредуваат. Една од целите е поврзување со локалните заедници и зголемување на финансиската писменост на жените, но и на целото семејство. Преку нивната посветена работа им овозможуваат на жените пристап до финансиите и на тој начин ја намалуваат економската зависност на жените. Тие исто така ги запознаваат жените со вредностите на штедењето, но истовремено ги поттикнуваат да останат во образовниот систем и да се стекнат со менаџерски позиции. Преку Здружението тие вршат едукација на жените во руралните средини, а нудат и стипендии за млади. 

Од пратениците, тие побараа да се либерализира законот за платни услуги, со што, според нив, ќе се унапреди овој систем во земјата и ќе придонесе до приближување кон прогресивните формални политики на земјите од Европската Унија. Исто така тие изразија подготвеност да се вклучат во процесите за финансиска едукација на жените, доколку оваа активност стане дел од следниот Националeн план за акција за родова еднаквост. 

Пратеничката Мери Лазарова изрази благодарност за можноста да се слушнат искуства од други земји и констатираше дека многу мал број на организации работат на оваа тема, финансиска едукација, која е навистина многу потребна. Таа истакна, дека со доаѓањето на клучна позиција на првата жена  во Министерството за финансии, Нина Ангеловска очекува напредок и во женското претприемништво. 

Пратеничката Жаклина Пешевска во своето излагање ја нагласи потребата мажите да учествуваат поактивно на вакви состаноци, за да можат изворно да ги слушнат аргументите. Таа ги информираше присутните дека во моментов во Собранието има 48 жени-пратенички и дека се стремат кон постигнување на милениумската цел на ОН, 50:50. Според неа секоја успешната жена заслужува поддршка и пристап до информациите и едукација.

На крајот пратеничката Мирсада Емини Асани потенцираше дека пратениците во Собранието на Република Северна Македонија донесуваат закони кои се во интерес на сите граѓани.

Click