Активности

Вторник,  27 ноември 2018 година

Јавна расправа: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“

Комисија за транспорт, врски и екологија одржа јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“, на иницијатива на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

На јавната расправа присуствуваа членовите на комисијата и пратениците од Собранието, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, заменик-министерот за животна средина и просторно  планирање, Јани Макрадули, претставници од граѓанските и еколошките организации и активисти.

Претставникот на предлагачите, Владимир Ѓорчев, посочи дека поводот за оваа јавна расправа е поразителен по здравјето на луѓето, имајќи предвид дека Република Македонија за 2018 година се најде на листата најзагадени држави во Европа, а загадениот воздух не се чувствува само во Скопје, туку и во цела Македонија, каде во одредени денови Куманово е најзагаден град во Европа, како и градовите Битола и Тетово.
Во  Буџетот за 2019 година кој изнесува 3,7 милијарди евра, за справување со овој проблем се издвоени околу 700 илјади евра.

Ѓорчев посочи дека воведувањето на новата мерка против загадувањето -налепници на возилата, само ќе доведе до стигматизација на граѓаните, на што градоначанкиот Шилегов одговори дека оваа мерка е практика во европските градови за намалување на аерозагадувањето.

Заменик-министерот Макрадули, рече дека овој проблем може да се реши само заеднички и секој може да придонесе индивидуално, но и дека товарот го носат институциите. Борбата за здрава животна средина се решава со аргументи и наука, а политиката и популизмот нема да помогнат. Повика и на поголема вклученост на граѓанските организации и активисти во справувањето со загадувањето.

Министерството за животна средина подготви посебна програма, план за аерозагадувањето кој се состои од мониторинг, инспекција и кампањи. Во градинките, основните училишта, здравствените установи, како и студенскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ досегашниот систем ќе биде заменет со еколошки средства на загревање, голем дел од домаќинствата ќе бидат вратени на градските приклучоци, а во однос на урбаното зеленило 15.000 садници се предвидени по тип и локација, најпрво низ сите градинки во град Скопје.

Градоначалникот Шилегов презентирајќи го новиот концепт на преземени 27 мерки против загадувањето, рече дека изворите на загадувањето доаѓаат од неорганизираниот систем на затоплување, индустриската и градежна активност, автомобилите, затоплувањето во домовите, како и организираното палење огнови на отворено.

Град Скопје, во соработка со Црвениот крст, Противпожарната единица, Министерствата за животна средина и внатрешни работи, го екипираше и засили инспекцискиот надзор, изречени се 260 мандатни казни и 12 кривични пријави на граѓани и институции кои со своето поведение дпридонеле за загадувањето. 

Најави дека во подготовка е нов закон за комунална полиција, за кој побара поддршка од Собранието.

Претставници на граѓански и еколошки организации посочија дека сè уште се гледа на формата, но не и на суштината, дека надлежните недоволно реагираат и има отсуство на одговорност. 

До пратениците беше предложено да се направат измени на некои постоечки закони: за почвите, минералните суровини, енергетската ефикасност и трајна забрана за користење на јагленост во домаќинствата, како и да се организираат надзорни расправи.

Приоретизирањето на заштитата на животната средина треба да е во фокусот на Владата.

На следното продолжение на Комисијата ќе бидат разгледани и усвоени предложените заклучоци од Јавната расправа.

Click