Активности

Петок, 23 ноември 2018 година

Јавна расправа: Финансирање на активностите предвидени во Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на Република Македонија одржа Јавна расправа на тема: Финансирање на активностите предвидени во Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција.

Претседателката на Комисијата, Даниела Рангелова посочи дека оваа Јавна расправа е во соработка со Клубот на пратенички и на иницијатива на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, а по повод 25 ноември-Светскиот ден против насилство врз жените.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа ги истакна досегашните активности и достигнувања откако Република Македонија минатата година ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашното насилство-Истанбулската Конвенција. Воедно позитивно ја оцени соработката со локалните заедници, спремноста на градоначаниците да одвојат финансиски средства за справување со овој проблем во трите главни региони: Скопски, Вардарски и Полошки, како и големата поддршка од  женските форуми на политичките партии.

На јавната расправа беше посочено дека примарна цел останува  заштитата на жртвите од насилството, но превенцијата мора да биде вклучена во системот на образованието и новите генерации  да научат нови облици на однесување.

Од страна на Министерството за труд и социјална политика беше презентиран определениот предлог - буџет за 2019 за спроведување на активностите кои произлегуваат од Истанбулската Конвенција,  од  5 милиони и 500 илјади денари со цел хармонизација на Националното законодавство со европското и Конвенцијата, подоготовка на закон за родово-базирано насилство, како и отворање на засолништа, едукација на стручните кадри, кризни центри и советувалишта. Предвидено е овој буџет да се зголемува и да изнесува 10 милиони и 120 илјади за 2020 и 15 милиони  и 80 илјади денари за 2021 година.

Во пресрет на донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2019 година, Комисијата и Клубот на пратенички се согласија да достават еден заеднички амандман во кој ќе се бара зголемување на финансиските средства во Буџетот за 2019 година за имплементација на Инстанбулската Конвенција.

На крајот од расправата, Комисијата ги усвои следниве заеднички Заклучоци:

  • Комисијата предлага зголемување на финансиските средства за имплементација на Истанбулската Конвенција во сите министерства;
  • Подготовка на оперативни планови за 2019 година со јавно објавени финансиски импликации;
  • Формирање на тело за мониторинг на имплементацијата на Националниот акциски план.
Click